Зеленски: Приемот на Украина во НАТО може да стави крај на „жешката фаза на војната“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пристапот на Украина во НАТО може да стави крај на, како што рече, „жешката фаза на војната“ што ја води Русија.

Тој во интервју за Скај њуз (Sky News) на 29 ноември рече дека ќе биде подготвен да размисли за прекин на огнот доколку неокупираните територии на Украина „паднат под чадорот на НАТО“, под услов поканата за членство во алијансата да ги признае меѓународните граници на Украина.

Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година и од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година окупираше 20 отсто од територијата на Украина.

„Ако сакаме да ја запреме жешката фаза на војната, мора да ги земеме териториите на Украина што ги имаме под наша контрола под чадорот на НАТО“, рече Зеленски.

„Мораме да го направиме тоа брзо. А што се однесува до окупираниот дел од земјата, Украина потоа може да ги врати преку дипломатски канали“, додаде тој.

Ова се случува во време кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикува актуелната администрација на САД која од почетокот на руската инвазија има инвестирано милијарди долари во Украина.

Трамп, исто така, рече дека може да ја заврши војната во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, што се толкува како Украина да ги предаде териториите окупирани од Русија.

 

 

 

slobodnaevropa.mk