Зеленски: „Сами ја браниме Украина, најсилните светски сили гледаат оддалеку“

„Најсилните светски сили гледаат оддалеку. Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Дека тие се недоволни, гледаме на нашето небо и на нашето тло“, рече претседателот на Украина.

Во видеопорака до нацијата, Зеленски изјави дека руските сили не прават разлика меѓу цивилни и воени цели.

Целта на тоа, како што рече, е „да се изврши притисок врз сите Украинци, не само врз оние кои имаат државни функции“.

Наведувајќи дека „непријателот е запрен во повеќето региони“, Зеленски рече дека „системот за противвоздушна одбрана работи ефикасно“.

Сепак, како што истакна, руските авиони безмилосно гаѓаат населени места во близина на Киев.

Споредувајќи ги руските напади со нацистичките напади во 1941 година, Зеленски истакна дека сами ја бранат својата земја и дека светските сили гледаат сè оддалеку.

Нагласувајќи дека Русија на крајот ќе преговара со Украина за запирање на нападите, Зеленски рече дека колку порано почне со преговорите руската страна ќе има помалку загуби.

Рускиот лидер Владимир Путин ја повика Украинската армија да го остави оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето кои беа изложени на геноцид од Киев и да ја исчисти Украина од нацизмот и милитаризмот“.