За Украина е особено важно од почеток на следната година да постои единство меѓу САД и европските земји, порача украинскиот претседател Володомир Зеленски пред почеток на денешниот Самитот на ЕУ во Брисел.
„Тоа е особено важно, затоа што тоа единство ни е потребно за да обезбедиме мир. Само заедно, САД и Европа навистина ќе може да го запрат рускиот претседател Владимир Путин и да ја спасат Украина“, изјави Зеленски при доаѓањето на Самитот во придружба на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Зеленски притоа се заблагодари за европската поддршка за украинскиот народ и го поздрави единството што постои во ЕУ по ова прашање, нагласувајќи дека со европските лидери ќе разговара за итните потреби на Украина во зајакнувањето на нејзината инфраструктура.
„Наш врвен приоритет, и за тоа ќе разговараме денес, е заштита на нашиот енергетски сектор. Тука говорам и за сигурноста на нуклеарните централи, што може да претставуваат опасност не само за Украина, туку и за Европа ако нешто тргне како што не треба, како и за заштитата на складиштата со гас, кои исто така се важни и за Украина и за другите Европејци“, рече Зеленски.
slobodnaevropa.mk