Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со папата Лав XIV на денот на неговата инаугуративна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан на 18 мај.
Украинскиот лидер побара од поглаварот на Римокатоличката црква да помогне во напорите да се запрат борбите во речиси 39-месечната војна на Русија против Украина.
Папата Лав Четиринаесетти се сретна со Зеленски на 18 мај, откако беше официјално поставен, и тоа беше една од неколкуте приватни состаноци што ги одржа по церемонијата.
„Измачената Украина чека конечно да се случат преговорите за праведен и траен мир“, рече папата во молитвата по мисата.
Канцеларијата на Зеленски подоцна објави фотографии од украинскиот лидер и папата, заедно со сопругата на Зеленски, Олена и неговите министри за надворешни работи и за одбрана.
„Му благодариме на Ватикан за неговата подготвеност да стане платформа за директни преговори меѓу Украина и Русија. Подготвени сме за дијалог во кој било формат заради вистински резултати“, рече Зеленски.
Претходно, украинскиот лидер се сретна и со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на церемонијата во Ватикан. Тоа беше нивна прва средба по исклучително жестоката расправија во Овалната соба во Белата куќа во февруари.
Сепак, ниту еден официјален претставник не објави детали за средбата.
Средбата на Зеленски со папата доаѓа неколку дена откако руските и украинските преговарачи ги одржаа своите први разговори лице в лице по повеќе од три години, во обид да ги запрат борбите.
Сепак, немаше голем напредок во овој поглед, но страните се договорија да извршат голема размена на воени заробеници.
Русија ги отфрли повиците од Украина, европските земји и Соединетите држави за 30-дневен прекин на огнот во војната, која сега е четврта година.
slobodnaevropa.mk