Земјотрес со магнитуда од 6,2 степени го погоди Истанбул

Земјотрес со магнитуда од 6,2 степени ја погоди Туркије, при што се повредени 151 лице во инциденти предизвикани од паника, од кои никој не претрпел повреди опасни по живот, соопштија официјални претставници, јавува Анадолу.

Земјотресот беше со епицентар во подрачјето на Силиври кај Истанбул, соопшти Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби, АФАД

Земјотресот се случи во 12:49 часот по локално време и силно се почувствува во Истанбул и соседните области, што ги натера исплашените жители да ги напуштат зградите.

Земјотресот е регистриран на длабочина од речиси 7 километри со траење од 13 секунди, изјави министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја.

Од канцеларијата на гувернерот на Истанбул додаваат дека 151 граѓанин се повредени откако скокнале од височина од паника и дека нивното лекување во болниците е во тек, а никој од нив не е во животна опасност.

Два последователни потреси, со магнитуда од 4,9 степени, следуваа по главниот земјотрес, првиот во 13.02 часот и повторно во 15.12 часот по локално време, двата со епицентар во близина на брегот на Бујукчекмеџе во Мраморното Море.

АФАД соопшти дека сите релевантни институции и тимови за одговор се мобилизирани и вo тек се проверки на теренот за процена на потенцијалната штета и осигурување на јавната безбедност.

Граѓаните се предупредени да не влегуваат во објектите што се оштетени или за кои постои сомнение дека се оштетени поради потресите, да избегнуваат користење возила доколку не е потребно и да се воздржуваат од користење на мобилните мрежи освен во итни случаи.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека надлежните внимателно го следат развојот на настаните.

Претседателот доби информации за земјотресите од министерот за внатрешни работи, министерот за животна средина, министерот за здравство, како и од шефот на АФАД и гувернерот на Истанбул, соопшти Дирекцијата за комуникации.