Земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала изутринава (22.05) се случи во близина на грчките острови Крит и Санторини. Според Геолошкиот завод на САД (УСГС), епицентарот бил на длабочина од 68 километри, околу 82 километри североисточно од главниот град на Крит, Хераклион. Засега нема информации за повредени или материјална штета. Весникот „То Прото Тема“ пишува дека потресот го почувствувале и жителите на Пелопонез, Кикладите, па дури и на Кипар.
Танасис Ганас, научен раководител во Геодинамичкиот институт во Атина соопшти дека тој проценува оти речиси нема да има афтершокови. Службата за заштита од катастрофи на Грција, како мерка на претпазливост издаде преудпредување од цунами, кое, сепак, не се случи.
Пред една недела, земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала јужно од островот Касос предизвика потреси на острови кои се многу популарни кај туристите, како што се Кос, Родос и Крит.
Од крајот на јануари, околу Санторини и соседните острови се регистрирани илјадници земјотреси. Според експертите, таква серија земјотреси во овој регион не се случила од 1964 година.
извор: DW