Златната купола на Трамп и другите антиракетни штитови

Американскиот претседател Доналд Трамп е повторно со големи планови. Како што најави уште во предизборната кампања, тој сака да постави нов систем за противракетна одбрана, кој треба да ги штити САД од закани од воздух, па дури и од вселената. „Златната купола“, како што е наречен антиракетниот штит, треба да чини најмалку 175 милијарди долари и да биде готов пред крајот на неговиот мандат во јануари 2029 година, вели Трамп. Според Пентагон, САД се изложени на растечка закана од страна на Русија и Кина.

Критичарите, пак, предупредуваат од огромни трошоци и нереална временска рамка за реализација. Пратениците од редовите на Демократите исто така изразуваат загриженост во врска со процесот на набавка и можната инволвираност на SpaceX, компанијата во сопственост на Илон Маск, кој е близок до Трамп. Проектот предизвика вознемиреност и на меѓународно ниво – Кина го критикуваше за загрозување на „глобалната стратешка рамнотежа и стабилност“.

Како штитот би можел да функционира?
Како пример за „Златната купола“ наводно служела израелската „Железна купола“ на Израел, противракетен систем кој е во употреба од март 2011 година и кој пресретнува ракети со краток дострел и артилериски гранати. Тој се состои од три компоненти: радарска единица, контролен центар и ракетен фрлач. Голема разлика во однос на планирата „Златна купола“ на Трамп е што израелскиот антиракетен штит е дизајниран за одбрана од ракети со краток дострел и за заштита на мала територија. Покрај тоа е мобилен систем што може да се користи на многу локации.

Американската верзија, пак, треба да биде во состојба да пресретнува интерконтинентални ракети со нуклеарно оружје и се темели на американски планови од времето на претседателот Роналд Реган (1981-1989). Тој сакал систем за противракетна одбрана именуван според серијалот „Војна на ѕвездите“, при што системи за пресретнување би биле поставени во вселената.

Со проектот на Трамп треба да се создаде мрежа од сателити за откривање, за да се препознаваат, следат и можеби пресретнат ракети на пример од Русија или Кина. Се наведува дека штитот би можел да вклучува стотици сателити за откривање и следење на ракети.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет вели дека планираниот штит има за цел „да ја заштити татковината од крстосувачки, балистички и хиперсонични ракети и беспилотни летала, без разлика дали се конвенционални или нуклеарни“. Какви технологии ќе се користат за тоа, засега не е обелоденето.

 

 

DW