Ивановска: Нема основа за покренување постапка против Ковачевски за „Броило“

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска вели дека нема основа за отворање случај против премиерот за случајот „Броило“, откако тоа го побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, објави МИА.

-Кога стапи на функција заменик министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основ за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов, тој не е ниту сопственик, ниту управител, вели во изјава за МКД.мк претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

ВМРО-ДПМНЕ побара Антикорупциска комисија да отвори предмет со кој ќе истражи дали премиерот Димитар Ковачевски е вмешан во криминал вреден 26 милиони евра во врска со бизнис за производство на струја.

извор: МИА