Ивановска: Претседателката на ДКСК веднаш да си поднесе оставка, бидејќи ја „инфицира“ институцијата

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, мора веднаш да поднесе оставка од функцијата, зашто сè уште ја инфицира институцијата, порача поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска.

Нејзиниот коментар следува откако актуелната претседателка на Антикорупциска од минатата недела е вклучена во проширената акција за случајот „Адитив“, поради одавање службени тајни на друг обвинет во случајот.

„Претседателката на ДКСК мора под најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, значи треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти“, изјави Ивановска одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борбата со корупцијата.

Ивановска вели дека сега не е време да се седи со скрстени раце и дека инволвираноста на Димитровска во овој случај го подрива кредибилитетот на институцијата која треба да се бори против корупцијата во општеството.

„Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроцена на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат итн“, апелира Ивановска.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk