Ивановски: Општина Центар продаде за 7 евра по м2 државно земјиште спроти зградата на Нова Македонија

Старите навики тешко се искоренуваат. Па така градоначалниците на СДСМ во општина Центар поддржани од власта на СДСМ поточно министерството за транспорт и врски плус министерство за финансии, зад очите на јавноста продолжуваат со старите навики. Откако пред будноста на цела јавност, со детски и пинг-понг игри околу тоа кој има надлежност да ја стопира градбата на облакодерите кај Холидеј Ин, додека играа игри општина Центар и министерството за транспорт и врски и се праќаа меѓусебни писма, се започна бетонизацијата на платото пред Холидеј Ин, вели Синиша Ивановски од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:

Во истиот стил, се разбира истите актери од редовите на СДСМ продолжиле и понатаму.

Повторно во општина Центар, овојпат спроти зградата на Нова Македонија, кон приватен инвеститор продаваат државно земјиште за сума од неверојатни 7 евра за м2, поточно смешни 438 денари за м2. За информација, на таа локација земјиште се продава и по многу повисока цена а станбен или деловен простор доаѓа и до 2000 евра. Е тука, продаваат градежно земјиште за 7 евра по квадрат.

На истава локација се планира изградба на деловен објект во висина од 15 ката. Значи 15 ката висина, кога ќе помножиме со по 2000 еу за м2 доаѓаме до вредност од 30 000 евра за м2 а општина Центар и министерството за транспорт и врски дозволуваат продажба од само 7 евра за м2.

Свесни дека оваа продажба на државно земјиште би изгледала матна во очите на јавноста и затоа буквално во очи на нова година, 29.Дек.2021 министерството за финансии склучува договор, односно носи решение со коешто се прифаќа барањето на инвеститорот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. На ова му претходело договор склучен на 02 Окт 2020 помеѓу градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ со фирмата која како инвеститор бара отуѓување на градежно земјиште во државна сопственост. Цената на оваа спогодба изнесува по 1еу/м2.

Од сите претходни наведени факти се поставуваат логични сомнежи и прашања.

-Дали во целава постапка за дооформување на градежно земјиште постои и сомнеж за незаконски дејствија?

-Дали инвеститорот е свесен дека 7еу е прениска цена за купување на така ултра луксузна локација морал разликата од тие 7еу до пазарната цена некаде и некому да ја доплати ?

-Зашто градоначалниците на СДСМ од општина Центар и министерството за транспорт и врски криејќи се под превезот на нивните омилени термини “рамномерна урбанизација” “мораториум на градење” “урбано зеленило” дозволија да се случи огромна бетонизација на центарот на главниот град ? Покрај бетонизација платото пред на Холидеј Ин и ова за кое денес говорев, спроти зградата на Нова Македонија, ќе ја потсетам јавноста и улицата Козара во Центар каде во кус временски рок никнаа 10 тина огромни згради, истите скоро залепени една до друга или пак свртени една до друга и притоа немаат никаква етичка градежна логика да бидат изградени.

Дали е ова јавен интерес, интерес на граѓаните на општина Центар и Македонија или сепак се работи за личен и приватен интерес на некои поединци?