Игри со притвор: „Обвинителoт се согласи, судијата прифати“

Kако сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, заврши со мерка куќен притвор, а бил меѓу петмината за кои јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) предложил ефективен притвор? Јавноста во Македонија се обидува да дешифрира две соопштенија – едното од ОЈО ГОКК, другото од Основниот кривичен суд Скопје.

Случајот се однесува на истражната постапка против 13 физички и едно правно лице, каде постои основано сомнение дека 10 лица како соизвршители или помагачи сториле кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, додека на двајца осомничени и едно правно лице покрај ова дело на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а на едно лице само делото перење пари и други приноси од казниво дело.

ОЈО ГОКК мие раце
Последново се однесува на Асмир Јахоски, за кој според одговорот од ОЈО ГОКК – тие дале предлог и нему да му се определи ефективен, затворски притвор, но нивниот предлог не бил прифатен. Обвинителството во соопштение го прераскажа образложението на судот.

„Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација“, објаснуваат од ОЈО ГОКК.

 

 

DW