ИЕА: Производството на нуклеарна енергија ќе достигне рекордно високо ниво во 2025 година

Производството на нуклеарна енергија од капацитетите во светот од речиси 420 реактори е на пат да достигне рекордно високо ниво во 2025 година, се вели во новиот извештај на Меѓународната агенција за енергија, јавува Анадолу.

Нуклеарната енергија ќе достигне рекордно ниво на производство во 2025 година благодарение на новите политики, инвестиции и технолошки напредок, се наведува во најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), „Патот до нова ера за нуклеарната енергија“.

Според извештајот, во моментов се градат 63 нуклеарни реактори со капацитет од над 70 гигавати, што претставува едно од највисоките нивоа од 1990 година.

И покрај тоа што некои земји го укинуваат користењето на нуклеарна енергија или предвреме ги затвораат постојните електрани, глобалното производство расте. Ова се должи на рестартирањето на нуклеарните електрани во Јапонија, завршувањето на ремонтите во Франција и отворањето нови реактори во Кина, Индија, Кореја и Европа.

„Глобалната мапа на нуклеарната енергија се менува, при што поголем дел од проектите во изградба се во Кина, која е на пат до 2030 година да ги надмине и САД и Европа по инсталиран капацитет“, се наведува во извештајот.

Русија, исто така, игра значајна улога во глобалната нуклеарна технологија. Од 52 реактора чие градење започнало од 2017 година, 25 се кинески дизајн, а 23 руски.

За да се постигне брз раст на нуклеарната енергија, годишните инвестиции ќе треба да се удвојат и до 2030 година да достигнат 120 милијарди долари.

„Јасно е дека силното враќање на нуклеарната енергија, кое ИЕА го предвиде пред неколку години, веќе се случува. Нуклеарната енергија ќе произведе рекордно ниво на електрична енергија во 2025 година“, изјави извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол.

„Покрај ова, повеќе од 70 гигавати нов нуклеарен капацитет е во изградба на глобално ниво, едно од највисоките нивоа во последните 30 години, а повеќе од 40 земји низ светот имаат планови да ја прошират улогата на нуклеарната енергија во своите енергетски системи“, додаде Бирол.

Тој наведе дека малите модуларни реактори (SMRs) имаат потенцијал за раст, но предупреди дека владите и индустријата мора да ги надминат значајните предизвици, вклучително и финансиските трошоци, логистичките синџири и навременото завршување на проектите.

„Сепак, владите и индустријата сè уште мора да надминат некои значајни пречки на патот кон новата ера за нуклеарната енергија, почнувајќи со испорака на нови проекти навреме и со буџет – но и во однос на финансирањето и синџирите на снабдување.“

„Во моментов над 99 отсто од глобалниот капацитет за збогатување е концентриран во четири земји снабдувачи, при што Русија има најголем удел со 40 отсто“, рече Бирол.

 

извор: АНАДОЛИЈА