„Поголем од животот“ во САД е израз кој е во мода и се користи за да се опише личност со исклучителна харизма и успех. И токму така Илон Маск им се претстави на присутните на почетокот на предизборната кампања на АфД во Германија изминатата сабота – „над животот“. И тоа во буквална смисла – со стиснати тупаници во победничка поза, мултимилијардерот го зазема комлетниот екран во Хале ан дер Зале во сојузната покраина Саксонија-Анхалт. А поддржувачите на Алтернативата за Германија го бодреа веејќи црно-црвено-златни германски знамиња.
Историчари: „Фронтален напад врз германската меморијална култура“
Два дена пред 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, најголемиот концентрационен логород нацистичката диктатура, Маск на нему наклонетата публика ѝ порача дека Германија става преголем акцент на „вина од минатото“. „Децата не треба да се сметаат за одговорни за гревовите на нивните родители, а камоли пак од нивните прабаби и прадедовци“, рече Маск.
На својот канал на социјалните медиуми историчарот Матијас Веховски ова го оквалификуваше како „фронтален напад на АфД врз германската меморијална култура со помошта од олигархот Маск“. „Не постои начин доволно да се нагласи колку е ова опасно за демократијата“, оценува Веховски , кој истражува тоталитаризам на Институтот Хана Арент при Техничкиот универзитет во Дрезден.
Германската меморијална култура првенствено е посветена на сеќавањето на милионите неправди извршени од националсоцијалистите под водство на Адолф Хитлер (1933-1945), вклучувајќи ги Холокаустот и Втората светска војна. Од 1990-тите вклучена е и обработката на социјалистичката диктатура во ГДР (1949-1990).
Маск го става под прашање класифицирањето на АфД како десно екстремна
АфД со години води кампања со големи критики за меморијалната култура. Станува збор за тезите дека меморијалната култура е пречка за здрава национална гордост и промовира политика која што е штетна за Германија.
Барањето за построги ограничувања на миграцијата во Сојузна Република Германија, за доследна депортација на лицата кои треба да ја напуштат земјата, како и за зголемен притисок за прилагодување на доселениците е дел од нивниот националистички дискурс. Кандидатката на АфД за канцелар, Алис Вајдел, сега и отворено го користи и контроверзниот термин „ре-миграција “. Покрај тоа, членовите на АфД постојано се контра родовите студии и ЛГБТК+ заедницата.
Од таму германските медиуми често ја класифицираат партијата како десно популистичка или десно екстремна. Меѓу другото и поради реторичката блискост со нацистите, Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, домашната тајна служба, неколку членови на партијата и три регионални ограноци на АфД ги класифицира како „потврдено десно екстремни“.
Илон Маск на ова се спротивстави уште кон крајот на декември минатата година во гостинска статија во весникот „Велт ам Зонтаг“ во која вели дека „претставувањето на АфД како десно екстремна е евидентно погрешно кога ќе се земе в предвид дека Алис Вајдел, претседателката на партијата, има истополова партнерка од Шри Ланка. Дали ви звучи тоа како Хитлер?“
DW