Косовскиот главен град Приштина деновиве оддава впечаток на голема, шарена градина со слики. На уличните светилки и на ѕидовите има плакати со насмеани лица на политичари кои со впечатливи пароли сакаат да останат во главите на минувачите за да ги изберат токму нивните имиња и партии на гласачките ливчиња.
В недела (9.02.2025) во Косово, најмладата држава во Европа со просечно најмладо население, ќе се одржат редовните парламентарни избори. Се работи за избори во многу турбулентни времиња за Косово. Конфликтот со Србија станува сѐ позаострен, а српскиот претседател Александар Вучиќ има сѐ поагресивен настап кон Приштина. Косовска влада под водство на премиерот Албин Курти се соочува со зголемено противење од ЕУ и САД затоа што не сака да биде притискана за „зделки“ со Србија, туку инсистира на спроведување на национални суверени права, почнувајќи од сопствени регистарски таблички на автомобили па сѐ до укинување на српската паралелна валута, динарот, во некои делови од земјата.
Меѓутоа, 21-годишната Бесарта Јашари има други проблеми. Новинарката од приватната радио-телевизија РТВ 21, стои во центарот на Приштина, недалеку од преголемата слика на основачот на косовската држава Ибрахим Ругова, кој почина во 2006 година. Таа посакува социјални промени. „Недостатокот на работни места и ниските плати ги принудуваат луѓето да емигрираат“, вели таа и додава дека „исто така треба да се подобри здравствениот систем, бидејќи овде премногу луѓе се принудени да патуваат во странство за да се лекуваат. Би си посакала и девојките и младите жени овде да имаат поголеми шанси“.
Таа гледа наоколу и покажува на многуте изборни плакати. „Во политиката секогаш доминираат истите стари личности, со малку простор за млади гласови кои носат свежи перспективи и прогресивни идеи. И на актуелните парламентарни избори ниту една партија не кандидира жена за премиер“, вели новинарката.
DW