Извештај: Европа беше погодена од рекордни поплави и екстремни горештини во 2024 година

Во 2024 година во Европа е забележана најтопла година досега, обележана со смртоносни поплави и долготрајни горештини, што претставува климатски екстрем за континентот во последната деценија, се наведува во заедничкиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО) и Службата за климатски промени „Коперникус“ (C3S).

Европа и натаму е континентот што се затоплува најбрзо во светот, изложен на „сериозни последици од екстремни временски услови и климатските промени“, се укажува во извештајот за европската состојба на климата за 2024 година.

„Секое дополнително зголемување на температурата, без оглед колку е мало, ги зголемува ризиците за нашите животи, за економиите и за планетата. Приспособувањето е неопходност“, истакна генералната секретарка на СМО, Селесте Сауло.

Според извештајот, поплавите во 2024 година биле најголеми од 2013 година, при што речиси една третина од речната мрежа ја надминала границата за „високо“ ниво на поплава.

Најмалку 335 лица ги загубиле животите, а околу 413.000 биле погодени од силни бури и поплави, кои предизвикале материјална штета проценета на 18 милијарди евра, од кои дури 85 отсто се токму поради поплавите.

Во извештајот, исто така, се укажува и на драматично зголемување на топлотниот стрес кај населението. Во Европа е забележала втора највисока бројка на денови со „силен“, „многу силен“ и „екстремен“ топлотен стрес, при што биле погодени речиси 60 отсто од континентот.

Југоисточна Европа, пак, во јули се соочила со најдолг топлотен бран досега, кој траел 13 дена непрекинато и зафатил 55 отсто од регионот.

„Овие екстремни настани доведоа до штети од приближно 18 милијарди евра, а 85 отсто од нив се предизвикани од поплави“, изјави заменик-директорката на ЦЗС, Саманта Бургес, на прес-конференцијата, пренесе Хелт полиси воч.

„Сведочевме на најдолгиот топлотен бран во Југоисточна Европа и рекордно губење на глечерите во Скандинавија и Свалбард. Но 2024 беше и година на изразени климатски контрасти помеѓу Источна и Западна Европа“, рече директорот на C3S, Карло Буонтемпо.

Климатските екстреми, исто така, доведоа до рекордно топење на глечерите во сите европски региони.

„На глечерите во Скандинавија и Свалбард во 2024 година е забележано најголемо губење на маса досега, со просечно намалување од 2,7 метри во дебелина“, се наведува во извештајот.

извор:АНАДОЛИЈА