Извлечено телото на 56-годишниот маж од водите на Вардар

Специјалните единици на МВР попладнево го пронајдоа телото на 56-годишниот маж кој вчера исчезна по трагичната сообраќајна несреќа во близина на Рашче, во која три жени загинаа, а едно дете се здоби со телесни повреди.

Од вчера екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаа мерки и активности за пронаоѓање на лицето, кое го управувало возилото „ауди“ што вчера падна во водите на Вардар откако излетало на локалниот пат за село Рашче.

Се претпоставува дека и за телото на мажот ќе биде наредена обдукција.

Во автомобилот во моментот на несреќата имало три жени, маж и четиригодишно дете. Детето за среќа паднало на патот во моментот на лизграњето на автомобилот и со телесни повреди е пренесено во клиниката 8-Септември.

Во моментов, се преземаат мерки за утврдување на причините за несреќата.