Изгласана интерпелацијата за Даути

Собранието попладнево на пленарна седница гласаше за интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути. Интерпелацијата беше поддржана од 61 пратеник и 22 против.

Со изгласувањето на интерпелацијата, сега пратениците ќе треба да изберат нов претседател на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади, место кое му припаѓа на Европскиот фронт.

И претседателот на Собранието Африм Гаши на предновогодишната средба со новинарите појасни дека претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на Европскиот фронт, односно дека повторно ќе треба да се избере претседател на оваа Комисија од редовите на Европскиот фронт.

Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група од „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на денешната пленарна седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Пратениците од опозициската СДСМ не присуствуваа на сендицата затоа што, според нив, интерпелацијата на Даути нема да биде решение на проблемот.

– Не е никој друг виновен. А зошто е ова вака? Затоа што, кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен веднаш да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Ова прашање го поставив на координацијата со претседателот Гаши и добив писмен одговор дека му е сугерирано од стручните служби во Собранието дека ќе се закаже седницата после почетокот на пленарната седница, ако воопшто се закаже седница на Комисијата која е надлежна за разгледување одредено прашање, тој нема надлженост да ја свикува седницата повторно со тоа што би ја додал и точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Африм Гаши. Интерпелацијата на претседател на собраниска комисија, која е дел од парламентарната група, нема да донесе ништо, рече Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

MИА