Илјада милијарди: Бундестагот изгласа рекордно задолжување

Отстранета е најголемата пречка за плановите на идната германска коалициска влада предводена најверојатно од Фридрих Мерц (ЦДУ) како канцелар: со гласовите на Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) , Социјалдемократите (СПД) и Зелените, Бундестагот со двотретинско мнозинство го смени членот од уставот кој ја ограничува висината на задолжувањето. Со тоа е овозможен реформскиот пакет на Демохристијаните и на СПД во вредност од речиси илјада милијарди евра , од кои половина одат за финансирање на модернизацијата на Бундесверот и одбранбените капацитети на Германија, а другата половина за финансирање мерки за стимулирање на економијата и обнова на инфраструктурата.

Најскапото гласање во историјата на Бундестагот
На гласањето, кое таблоидот Билд веќе го нарече „најскапото гласање во историјата на Бундестагот“, му претходеше маратонска дебата полна со емоции и историски изјави, како што доликува на последната седница на 20. состав на Бундестагот.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и најверојатно иден канцелар Фридрих Мерц јасно стави до знаење за што станува збор уште на почетокот на дебатата, пред гласањето за уставниот амандман: „Путин не само што води војна против Украина , туку и против нашата земја. И тоа секојдневно, во форма на сајбер напади, нарачани убиства и киднапирања“, рече Мерц и јасно стави до знаење зошто е крајно време Германија да почне да инвестира во својата одбрана.

„Од денешната одлука зависи нашата способност да се браниме од напади, не само во наредните години, туку и во наредните децении“, рече Мерц во говорот што многу набљудувачи го оценија за негов прв како канцелар.

Промена на „должничката кочница“ со помош на Зелените
Важна пречка на патот кон политичката цел на Фридрих Мерц е токму денешната одлука во Бундестагот. Планот за рекорден фонд за одбрана и економска обнова од речиси илјада милијарди евра веќе беше усвоен за време на прелиминарните разговори за формирање коалиција меѓу неговите Демохристијани и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Но, за реализација на овие планови беше потребна и поддршка од партијата на Зелените, бидејќи само со неа (другите партии како Алтернатива за Германија, ниту Демохристијаните, ниту СПД не се признати како партнери) беше можно со двотретинско мнозинство во Бундестагот да се промени Уставот (Основниот закон, како што официјално се нарекува во Германија). А, промената беше потребна за да се овозможи ублажување на т.н. „должничка кочница“, механизам што го воведе поранешниот министер за финансии и лидер на ЦДУ, Волфганг Шојбле како лекција научена од големата светска финансиска криза која започна во 2008 година.

Во следниот состав на Бундестагот, кој беше избран на изборите на 23 февруари и ќе се конституира следната недела, Демохристијаните и СПД нема да имаат двотретинско мнозинство со Зелените и ќе зависат од Алтернативата за Германија (АфД) или од Левицата . А, тие партии речиси сигурно не би ги поддржале плановите на идната влада. Затоа се брзаше да се промени уставот на буквално последната седница на Бундестагот во стариот состав.

извор: DW