Неизвесно е дали некој од петте членови на Судски совет ќе се појави во Собранието на седницата за нивна интерпелација. За ВМРО-ДПМНЕ интерпелациите се неопходни за кадровски промени и очекуваат да поднесат оставки, додека СДСМ е против и смета дека ова е упад во уставниот поредок.
На 11 март, Судскиот совет ќе одржи редовна седница, а паралелно, пратениците во законодавниот дом ќе расправаат и гласаат за интерпелации на пет негови членови, поднесени од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.
Интерпелациите се единствената точка за парламентарна дебата на 40 седница на Собранието.
Станува збор за интерпелации на членовите Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска, кои се избрани на функциите од Парламентот.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но и нивниот избор го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум членови, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државата.
Двајца се само по функција членови (претседателката на Врховниот суд и министерот за правда), кои може да присуствуваат на седници, но, тие немаат право на глас.
Додека премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на 11 март очекува нивно разрешување од функциите, опозициската СДСМ обвини дека со овој потег се прави „груба партизација на Судскиот совет“ и дека овие постапки се спротивни на договореното на власта со ЕУ за реформската агенда.
slobodnaevropa.mk