Поранешниот дипломат Миле Миленкоски на социјалните мрежи објавува дека Интерпол ја повлекол потерницата по него која Ерменија ја издаде поради наводно помагање на бегството на Бранислав Димитријевиќ (обвинет во Ереван за финансиски злоупотреби со средства со надзор на изградба на патишта и еден од сопствениците на фирмата Еуро консалтинг која е дел од конзорциумот за контроверзно доделениот надзор врз коридорите 8 и 10 Д кои ќе ги гради Бехтел и Енка).
Миленкоски, иако со дипломатски имунитет како дипломатски претставник на Македонија во ОБСЕ во Виена, беше уапсен преклани на граничниот премин Табановце по ерменска потерница. Беше ослободен од притвор во Србија, кога тамошните судови утврдија дека нема докази за негово учество во бегството на Димитријевиќ.
Сега и Интерпол ја поништил потерницата.
Комисијата за контрола на работата на Интерпол ја призна грешката на Интерпол, кога беше распишана потерница по брање на Ерменија, а без никакви докази или основа. Потерницата е официјално поништена. Добиена е важна битка, но борбата за правда и вистина продолжува, пишува Миленкоски на Фејсбук.
Според него, Интерпол утврдил дека Ерменија нема јасни информации за негова вклученост во бегството на Димитријевиќ.
Комисијата смета дека, иако Ерменија дала јасни информации за наводнaтa криминалнa шема, не може да препознае елементи на вклученост, знаење и намера на Миленкоски, вклучително и конкретни дејствија што евентуално ги извршил во наводното дело. Од надлежните во Ерменија беше побарано да ја објасни личната и специфичната улога на Миленкоски, но такво нешто не и беше доставено на Комисијата. ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ КОМИСИЈАТА одлучи дека Барањето за Миле Миленкоски не е во согласност со правилата на ИНТЕРПОЛ и дека ќе биде избришано од датотеките на ИНТЕРПОЛ, пишува Миленкоски.