Три дена по објавата на документарниот филм „Швајцарски тајни“ којшто се објави на ИРЛ и МРТ1, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе отвори предистражна постапка по допрен глас, во писмен допис на прашања на ИРЛ одговори денеска Републичкото јавно обвинителство. Овој случај ќе се истражува во надлежното Обвинителство за организиран криминал и корупција кое го предводи јавниот обвинител, Вилма Русковска, објави ИРЛ.МК.
„По објавениот документарен филм како и истражувачките текстови во кои се содржани детали според кои двајца македонски бизнисмени поседувале приватни сметки во Швајцарија, а на кои сметки наводно се извршувале повеќемилионски трансакции, Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе ги проучи наводите и согласно своите надлежности отвора предистражна постапка по допрен глас“ , велат од обвинителството.
„Случајот привлече внимание. Го гледавме филмот и очекуваме со нас ИРЛ да ги сподели своите информации, а во моментов обвинители веќе имаат отворено предистражна постапка и ги разгледуваат досега расположливите наоди“ , вели Русковска за ИРЛ.
Истражувачката репортерска лабараторија обелодени дека помеѓу стотиците лица од интерес во протечените банкарски податоци од контраверзната швајцарска банка „Кредит Свис“ се најдоа и македонскиот бизнисмен и поранешен вицепремиер Минчо Јорданов, бизнисменот Благој Механџиски и шведскиот инвеститор Ларс Клинг.
Текстот во целост на: ИРЛ.МК.