Истражувањето на ИРЛ за начинот на лекување на ковид пациентите е тема од јавен интерес и новинарите не смеат да бидат замолчени да известуваат. Ова е одлуката на Граѓанскиот суд Скопје кој го одби барањето на доктор Жан Митрев за остранување на документарниот филм „Нечиста крв“ и забрана за натамошно известување на новинарите на ИРЛ се додека неговата тужба за клевета и навреда не добие судска разрешница. Барањето е одбиено како неосновано.
Одлуката е образложена на дванаесет страници, а главниот аргумент на судот е дека темата која е обработувана во истражувањето е од јавен интерес.
„Бидејќи станува збор за подрачје од јавен интерес, граѓаните имаат право да бидат информирани за начинот на кој се одвива и овозможува здравствената дејност и заштита, мерките, активностите и постапките кои се користат и начинот на третирање на пациентите, како и однесувањето на здравствените работници. Истото допринесува за дебата од јавен интерес, особено во времетраењето на пандемијата од коронавирусот. Интересот на јавноста е видлив и од интернет платформата „YouTube“ канал, на која документарниот филм има 593.279 прегледи“, пишува во одлуката на Граѓанскиот суд.
Понатаму, судот објаснува дека со привремената мерка се бараше да им се забрани на тужените да објавуваат и дополнителни содржини во кои тема на обработка би било работењето на тужителите и начините на лекување на пациентите болни од КОВИД-19.
„Истото би значело целосна судска забрана на тужените за вршење на нивната новинарска професија и целта заради која се здружени“, оценува судот.
Граѓанскиот суд му укажува на доктор Жан Митрев дека тој во тужбата се претставува како еден од најпознатите македонски кардиохирурзи и човек со импозантна биографија, кој врши дејност од јавен интерес и поради тоа мора да прифати заинтересираност на новинарите за неговата работа.
Тужителите не сториле доволно да го уверат судот дека со натамошно објавување на документарниот филм ќе им биде предизвикана непоправлива нематеријална или материјална штета, како нужен услов за одредување на привремена судска мерка.
„За запазување е дека првичната објава на „YouTube“ каналот е извршена на 17 јули 2022 година, а тужбата и барањето за мерката се поднесени до судот на 10.10.2022 година, пред истекот на третиот месец од започнување на емитувањето. Оттука, за судот нејасна е ненадејната итност кога и двајцата тужители сметале дека емитувањето од скоро три месеци не им нанесува штета и во тој рок не барале привремена мерка“.
При донесување на одлуката судот се раководел според критериумите содржани во Европската конвенција за заштита на човековите права, според која слободата на изразување е индивидуално право, меѓутоа истото се протега и на теми каде слободата на изразување има општа, т.е. социјална придобивка. Судот смета дека ова право е клучно за функционирањето на демократијата воопшто и претставува алатка која обезбедува отворен проток на мислења.
На крајот, судот заклучува дека улогата на медиумите е посебна важна и нивната функција ја истакнува како „куче“ чувар на демократијата. Овој суд застанува на став дека не постои простор за ограничување на слободата на изразување на тужените во својство на новинари.
Клиниката Жан Митрев и докторот Жан Митрев минатата недела поднесоа тужба за клевета и навреда кон редакцијата на ИРЛ и новинарите автори на истражувањето „Нечиста крв” придружена со предлог за издавање на времена мерка која вклучува бришење на објавите и забрана за дополнително известување додека трае судскиот спор.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинарите на Македонија апелираа судот да не го прифати барањето на доктор Митрев за времена мерка, бидејќи во спротивно ИРЛ директно, но и целата медиумска индустрија посредно ќе бидат изложени на брутална цензура.
irl.mk