Не запира скапата Фејсбук и Инстаграм промоција на премиерот Димитар Ковачевски. Само во последните три месеци СДСМ потрошила 18 илјади евра за да ги рекламира неговите активности на социјалните мрежи. Антикорупционерите не успеаја да откријат дали за објавите на личните профили на Ковачевски се трошеле државни пари оти Владата не соработувала со нив. Од како стана премиер, спонзорираните објави на Димитар Ковачевски достигнаа 82 илјади евра.
Државната комисија за спречување на корупција за седум месеци не утврди кој ги плаќал скапите кампањи во име на премиерот Димитар Ковачевски. Антикорупционерите се пожалија на нетранспарентност на Владата од каде побарале и не добиле конкретни информации, дали премиерскиот Фејсбук и Инстраграм профил се спонзорирал со пари од буџетот или само со пари од партиската каса на СДСМ. Иако ДКСК се обратиле до кабинетот на премиерот и побарале да им достават конкретни називи на спонзорите кои ги финансираат неговите секојдневни објави, Владата тотално ги игнорирала. Добиле совети од владините службеници, податоци да бараат од Фејсбук и Инстаграм. Но, и да побаараат детали на овие социјални мрежи не може да се види кој ги уплатил парите.
ИРЛ пред седум месеци објави дека за Фејсбук и Инстаграм профилите на премиерот Димитар Ковачевски се потрошени 26 илјади евра. До сега нема објаснување кој ги платил парите за негова промоција и зошто тимот од 36 лица кои се задолжени за неговата комуникациска стратегија и кои земаат плата од државата ги опслужуваат неговите приватни профили каде се споделуваат и партиски содржини.
Владата ги крие спонзорите на социјалните мрежи на премиерот од јавноста, но и од ДКСК
На 92 седница на Антикорупциската комисија, на дневен ред стаса и рекламирањето на социјалните мрежи на премиерот Димитар Ковачевски. По куса расправа и потрошени 210 денови да пронајдат кој ги финансирал објавите, потрагата заврши неуспешно. Членовите на ДКСК се соочиле со нетранспарентна Влада, која одлучила да не соработува. Случајот е затворен. Спонзорите на Фејсбук и Инстаграм објавите останаа тајна а власта посочила дека маркетингот на премиерот на социјалните мрежи не се плаќал директно од државната каса.
„Тука се гледа нетранспарентноста за социјалните мрежи, наместо да ни кажат кои се спонзорите тие не повикуваат одговорите да ги бараме од Фејсбук и Инстаграм“ – вели Шемши Салаи, член на ДКСК.
Нетранспарентноста на Владата ги обесхрабрила антикорупционерите. За седумте месеци додека се обидувале да дознаат кој ги плаќа скапите објави на премиерот, размилсувале дури да се откажат. Податоци не можеле да најдат ниту преку алатката „Отворени финасии“. Сепак се обиделе уште еднаш да го убедат кабинетот на премиерот да им достави документи за исплатите на Фејсбук и Инстаграм но повторно биле одбиени.
„По разгледувањето на случајот немаме елементи за понатамошно постапување од причини што не се потврдуваат наводите. Се рекламира и сумата е 26 илјади евра, но тука гледаме нетранспарентност на Владата кон потрошените средства од буџетот“ – заклучи Шемши Салаи.
Неговата колешка, Катица Николовска вели дека со помош на дата базата на компанијата „Мета“ сопственик на Фејсбук и Инстаграм го следат финансирањето на политичките партии. Таа ги проверила рекламите на премиерот Димитар Ковачевски. Вели дека парите кои се потрошени за неговите реклами се обезбедени од СДСМ.
Од отворената дата база на Мета на која што се повикува и Владата, може да се види дека за профилот на премиерот Димитар Ковачевски се плаќале реклами од три различни места. На дел од рекламите за кои што се потрошени околу 26 илјади евра стои дека парите се платени од профил со назив „Димитар Ковачевски“. Дел од парите се платени од профилот на СДСМ, а дел од рекламите кои се однесуваат за промоција на македонската храна и вино се платени од Владата.
Прашавме дополонително во ДКСК дали имаат направено разграничување на парите кои се потрошени за профилот на Димитар Ковачевски.
„Јас ги видов само рекламите кои се платени од СДСМ. Кога отворив тоа што ми излезе беше платено од СДСМ. Треба да се разграничи што е државно и што е партиски. Доколу е од Влада не ми се верува тоа да го скријат. Можеби плаќаат и од СДСМ може плаќа и Димитар Ковачевски, тоа Државниот завод за ревизија ќе го открие кога ќе одат на ревизија“ – вели Катица Николовска член на ДКСК.
Промоцијата на премиерот, за Владата е значајна информативна вредност за граѓаните
На 92 – та седница на Антикорупциската комисија се прочита и дел од првиот допис кој Владата го испратила до нив. Од кабинетот на премиерот вина нашле во објавените наводи на Истражувачката репортерска лабораторија кои се однесуваат на рекламните содржини на профилот на премиерот. Фактите на ИРЛ биле шпекулација и не соодејствувале со реалната состојба бидејќи премиерот на социјалните мрежи објавувувал содржини кои ги информираат граѓаните за владините политики.
До објавувањето на истражувањето на ИРЛ кое се работеше со јавно достапни податоци од дата базата на Мета (Фејсбук) на која што се повикува и Владата, може да се заклучи дека најскапите реклами кои се споделиле од профилот на премиерот не комуницираат за важни информации кои би им значеле на граѓаните. Неговите најплатени реклами беа фотографии со кои што Ковачевски ги кани луѓето да го заследат неговиот профил, видео во кое што тој сопругата и децата готват божиќни деликатеси, седат на кожен кауч и китат елка во нивниот дом и видео од негова посета на градежните активности на автопатот Кичево-Охрид кој се гради веќе 9 години.
Во последните три месеци, СДСМ платиле нови 18 илјади евра за спонзорирани објави на профилите на премиерот
За време на истражувањето на ИРЛ „Премиерот кој сака да биде инфлуенсер“, спонзорираните реклами на профилот на премиерот се објавуваа и директно од профилот „Димитар Ковачевски“. Од таму се потрошени вкупно 26.593 евра за 249 реклами од неговото стапување на функција до денеска.
По објавувањето на строријата, објавите на премиерот се спонзорираат единствено од профилот на СДСМ. Во последните три месеци, за рекламите на Ковачевски партијата потрошила 18.771 евра, а од неговото стапување на функција до денеска околу 56.000 евра за 854 спонзорирани објави.
Вкупната сума на парите кои се плаќале од профилот „Димитар Ковачевски“ и парите кои се плаќале од профилот „СДСМ“ достигнува 82.500 евра за промоција на премиерот на друштвените мрежи.
Неговата најскапа објава во последнава недела е видео за денот на независноста на Македнија. Ова видео од премиерот се спонзорира во време на политичка криза кога власта смени членови од Кривичниот законик за да се спасат од последици корумпирани политичари, а на улиците има протести и апели за одговорност за виновниците за пожарот во Модуларната болница во Тетово и случајот Онкологија.
irl.mk