Утрово автоматски е исклучен Термоблокот 2 во РЕК Битола од електроенергетскиот систем, откако се активирал заштитниот механизам поради зголемена температура и пожар на дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување, соопшти АД ЕСМ.
Од компанијата информираат дека веднаш по инцидентот реагирале надлежните служби на РЕК Битола, следејќи ги оперативните протоколи, бидејќи постои сомнеж за потенцијална саботажа. За настанот е известена криминалистичката полиција, која во моментов врши увид на терен.
„По завршување на полициската истрага, нашите стручни екипи ќе започнат со детална анализа за утврдување на евентуалната штета и точната причина за зголемената температура“, соопшти АД ЕСМ.
Во моментот, РЕК Битола работи со намален капацитет – Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт, а Термоблокот 3 е исклучен поради намалени потреби за електрична енергија од страна на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
Од АД ЕСМ уверуваат дека потребите на државата за електрична енергија се во целост задоволени преку зголемено производство од хидроелектраните, како и преку купопродажба на енергија од МЕМО.