Медицински сестри и техничари кои шест, односно седум години работеле со договор на дело, останале без работа и наместо нив, примени се луѓе однадвор во повеќе здравствени установи низ државата, информираа денеска од Унијата на петте здруженија на медицински сестри и техничари предводена од Здружението „За нас“.
Претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска тврди дека на медицинските сестри и техничарите всушност не им било кажано да не доаѓаат на работа, туку дека немало финансиска согласност за нивната јануарска исплата. На денешната прес конференција таа посочи и на примери во кои на медицински сестри со високо образование им се забранувало да одат во смени, бидејќи ќе земеле големи плати со дежурствата.
„Реагираме по којзнае кој пат и апелираме да се престане со поразителната поделба на медицинските сестри и техничари според политичката реторика и опција, поделбите од типот на средни и високи, полова и возрасна поделба, но и тотално неразумната поделба по национална или етничка припадност. Затоа што во нашата професија единствениот фактор што го определува квалитетот се професионализмот и емпатијата“, истакна Бешлиовска.
slobodnaevropa.mk