Историски пресврт: ПКК објави крај на вооружената борба

Милитантната Работничка партија на Курдистан (ПКК) во понеделникот објави дека се распушта, во историска декларација која би можела да стави крај на еден од најдолготрајните судири на Блискиот Исток и да придонесе за стабилност во регионот.

Во соопштението на групата се наведува дека донеле одлука да ја распушти својата „организациска структура“ и да ја „заврши вооружената борба“ по повеќе од четири децении конфликт. Декларацијата следува неколку месеци откако затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан, ги повика членовите да свикаат конгрес и формално да одлучат за самораспуштање како дел од новиот мировен процес со Турција. Претходно, ПКК на 1 март прогласи еднострано примирје како одговор на повикот на Оџалан.

Повикот на Оџалан дојде во време на длабоки промени во регионот, вклучувајќи ја промената на силите во Сирија по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад, ослабувањето на милитантното движење Хезболах во Либан и тековната војна меѓу Израел и Хамас во Газа.

Мировната иницијатива во Турција беше започната во октомври од Девлет Бахчели, ултранационалист познат по остро противење на какви било отстапки во однос на курдскиот идентитет или права.

Владејачката партија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја поздрави најавата на ПКК, но истакна дека одлуката за распуштање треба да важи за сите групи поврзани со ПКК, вклучувајќи ги курдските борци во Сирија, кои претходно изјавија дека повикот на Оџалан не важи за нив.

Што е ПКК?
Работничката партија на Курдистан (ПКК) води вооружена побуна против Турција од 1984 година, првично со цел воспоставување на курдска држава на југоистокот на земјата. Со текот на времето, целта се трансформираше во кампања за автономија и права за Курдите во рамките на Турција.

Конфликтот меѓу милитантите и државните сили, кој се прошири и надвор од границите на Турција, во Ирак и Сирија, однесе десетици илјади животи. ПКК е прогласена за терористичка организација од страна на Турција, САД и Европската Унија.

 

 

DW