Историски промашувања во учебникот по историја

Погрешна историска периодизација, лажни факти, нејасни фрази и недостаток на историски наратив се главните пропусти во учебникот по историја за петто одделени од новата програма кој неодамна го добија само дел од учениците. Историчарите бараат негово итно повлекување, авторите се оградуваат, а родителите загрижени.

Среден век поместен за десет века наназад, природната опсерваторија Кокино прикажана како градба, градот Стоби постоел и во метално време со опис дека тоа е во период од 2 до 3 век пред новата ера – грешка од речиси еден милениум.

Ова само дел се дел од спорните информации во новиот учебник по историја и општество за петто одделение кои ги забележува историчарот Васко Гичевски.

Тој во разговор за РСЕ посочува дека грешките со географските податоци не се единствени пропусти. Според него поголеми проблеми се периодизацијата на историјата и хронологијата на настани посочени во овој учебник.

„Го поместиле средниот век десет века поназад, што би значело ова во суштина, дете кога ќе седне да учи ќе прочита дека средниот век започнува во петтиот век пред нашата ера во време кога се случуваат грчко- персиските војни, а тоа е античка историја не е средновековна историја, и со оваа промена и поместување на средниот век ние добиваме податок дека средниот век кој трае 10 века испаѓа дека траел 20 до 23 векови, според нивната класификација“, вели Гичевски.

Предупредува дека таквиот начин на учење е спорен, затоа што, како што вели, поместена е хронологијата без никаква реална научна аргументација.

„Буквално станува збор за ноторен лажен факт“ додава тој.

Посочува и примери во учебникот за тврдења за кои вели дека археолошки не се потврдени со докази. На пример Хераклеа е изграден во период од 4 до 2 век пред новата ера, но, вели никако не може да се тврди дека е изграден во 6 век пред новата ера, како што е напишано во учебникот.

Според Гичевски спорен е и периодот во кој е наведено дека е изграден градот Стоби, затоа што со описот се прави грешка од речиси еден милениум.

„Буквално така стои, дека градот(Стоби) постоел и во метално време околу 2 и 3 век пред новата ера. Податокот до половина е точен, градот постоел но тоа не е метално време, туку рана антика. Што значи дека датирањето им е тотално утнато, значи дека металното време го сметаат дека е во вториот и третиот век пред нашата ера“, вели Гичевски.

Родителите шокирани од пропустите во системот

Димитар Даскалов, татко на четврто одделенец вели дека загрижува фактот што образовниот систем се соочува во вакви пропусти и што децата ќе научат лажни и неточни податоци.

„Најмногу ме загрижува неспособноста на институциите на ниво на Министерство за образование и Биро за развој на образование. Штом сега почнуваат такви работи, а сме ги имале и во минатото, кој знае што допрва не чека и кој знае какви се поголеми грешки може да излезат“, вели Даскалов.

Додава дека како родители се збунети како да се справат со учениците кои ќе се вратат од училиште со научени погрешни факти. Проблемот е како да не се намали авторитет на наставниците а сепак децата да не стекнат погрешни знаења.

„Круто е да се каже од дома, ништо не знае наставничката, слушај ме мене што ќе ти кажам, на тој начин ќе се изгуби авторитетот кај наставниците, затоа целата приказна е меч со две острици, што не значи и дека детето треба да научи погрешно“, додава Даскалов.

Радио Слободна Европа