Дали и колку е загаден воздухот во Битола, од облак од пепел којшто надвиснува над градот, како резултат на работењето на РЕК Битола? На ова прашање одговор треба да даде битолското обвинителство и контролите на инспекторите за животна средина, откако Основното јавно обвинителство во Битола оформи предмет во врска со прашањето за правилното одложување на пепелта во РЕК Битола.
Државниот инспекторат за животна средина минатиот месец при контрола утврдил дека на одлагалиштето има поголема количина на несоодветно депониран пепел. Обвинителството ќе треба да утврди дали се почитуваат протоколите за третман на пепелта и дали е соодветна заштитата на животната средина и здравјето на луѓето при нејзиното одлагање.
„Еколошка катастрофа“
Облакот од пепел над Битола предизвика низа реакции во јавноста. Од партијата Левица велат дека „Македонија е жртва на еколошка катастрофа поддржана од политичка немост и корупција“.
„Без разлика дали на власт е ДПМНЕ или СДС – институциите се неми и парализирани пред интересите на големите загадувачи. Загадувачите не се плашат од закони кои речиси никогаш не се спроведуваат. Симболичните казни не само што не ги одвраќаат, туку директно ги охрабруваат да продолжат со уништување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Погубната пракса на неказнивост стана правило, а народот ја плаќа цената“, велат од партијата.
Стравувањата се дека „токсичната пепел ќе остане во почвата, ќе ги контаминира водите, ќе го уништи земјоделството во Пелагонија и трајно ќе го загрози здравјето на целото население во регионот“. Од Левица бараат одговорност за случајот, ревизија на еколошките стандарди, како и мерки за санација на штетите.
Се бара решение за пепелта од РЕК Битола
Од РЕК Битола информираа дека активно се работи на минимизирање на проблемите кои ги предизвикува прашината при поинтензивен ветер или поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку по 3,7 километарска лента. Пепелта, како нус производ од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.
„Високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување на прашина при нејзиното спуштање во касетата“, велат од РЕК Битола.
На 26 март 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина извршил надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола. При увидот било констатирано присуство на поголеми количини на пепел кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект, за што е издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрекол санкции.
Од РЕК Битола соопштија дека од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета, а ќе бидат ставени во функција и водени топови за дополнително навлажнување.
Тие се повикуваат на податоци и резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб” Скопје, при што е констатирано дека не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички ЦЧ10 (PM10).
Како што објави сдк.мк, повикувајќи се на податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), жителите на Битола годинава 67 дена дишеле воздух со дневни концентрации на ПМ10 честички над дозволеното. На годишно ниво се дозволени 35 дена со надминувања на среднодневната гранична вредност на суспендирана прашина.
DW