Кавгата помеѓу Доналд Трамп и Илон Маск ескалира

Спорот меѓу Доналд Трамп и Илон Маск околу планираниот закон за реформи во делот на даноците и трошењето продолжува да ескалира. Маск го критикува и зголемувањето на националниот долг на САД што произлегува од тоа. Наспроти тоа, Трамп се заканува дека ќе ги повлече владините договори на Маск. Но, американската влада зависи од компанијата СпејсИкс на Маск во делот на вселенски патувања. Какви финансиски последици би можела да има расправијата за двајцата милијардери?

Факт е: Маск е значително побогат од Трамп. Со проценета нето вредност на богатството од околу 350 милијарди долари, тој е најбогатиот човек во светот. Се проценува дека американскиот претседател Трамп, кој инаку е бизнисмен, има богатство со нето вредност помала од 10 милијарди долари. Возбудливи за набљудување се флуктуациите во богатството на двајцата – наведени од Форбс на листа на милијардери во реално време, односно приказ на богатството на милијардерите во реално време.

Зависноста на Маск од владини договори
За Илон Маск многу работи се на коцка. „Најлесниот начин да заштедиме милијарди и милијарди долари од нашиот буџет е да ги откажеме владините субвенции и договори на Илон“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social. Вселенската компанија на Маск, СпејсИкс, има договори со американската влада во вредност од околу 22 милијарди долари.

Се вели дека СпејсИкс е исто така многу вклучена во неколку идни владини програми на САД – вклучувајќи ја трансформацијата на американската програма за Месечината во програма за Марс и изградбата на џиновски антиракетен штит „Златна купола“ во вселената.

„Волстрит журнал“ објави дека СпејсИкс склучила договори и со американските разузнавачки агенции, вклучително и таен договор од 1,8 милијарди долари со Националната извидувачка агенција, служба која управува со сателити за надзор. И „Индепендент“ направи обид да покаже колку компаниите на Маск заработуваат преку врски со американската влада.

Зависноста на американската влада од компаниите на Маск
Од друга страна, американската влада е во голема мера зависна од компаниите на Маск – особено во делот на вселенските патувања. Капсулата „Драгон“ на „СпејсИкс“ во моментов е единственото американско вселенско летало способно за транспорт на астронаути до и од Меѓународната вселенска станица. НАСА се потпира на вселенското летало од 2020 година како дел од договор од 5 милијарди долари со „СпејсИкс“.

Отфрлањето на капсулата „Драгон“ би можело да ја наруши програмата на Меѓународната вселенска станица. Десетици земји се вклучени во меѓународен договор стар две децении. НАСА го користи рускиот вселенски брод „Сојуз“ како секундарно возило за своите астронаути до Меѓународната вселенска станица.

Неколку владини агенции ги користат ракетите „Фалкон“, вселенските летала во орбитата и „Старлинк“, мрежа од повеќе од 7.500 интернет сателити, која стана позната и по својата улога во поддршката на борбата на Украина против Русија. Спорот меѓу Маск и Трамп затоа би можел да има негативни последици за САД, американската влада, американскиот претседател и Републиканската партија.

Спорот врши дополнителен притисок врз производителот на електромобили Тесла
Откако ескалираше спорот меѓу Трамп и Маск, акциите на Тесла се под значителен притисок. Тие веќе загубија околу 14 проценти, уништувајќи околу 150 милијарди долари пазарна капитализација за еден ден. Според експертите, Маск обезбедил кредити со акции на Тесла. Ако тие вредат помалку, банките и финансиерите би можеле да станат нервозни. Од друга страна, барани беа акциите на конкурентите на компанијата на Маск за вселенски истражувања СпејсИкс и нејзината фирма-ќерка за сателитска широкопојасна мрежа Старлинк.

И, актуелниот спор би можел дополнително да го оштети имиџот на Тесла и продажбата на автомобили. Брендот неодамна страдаше, меѓу другото, од јавните интервенции на Маск во европската политика, вклучително и неговата поддршка на крајно десничарски партии. Аналитичарите во ЈПМорган коментираат: Тешко е да се најде бренд во историјата на автомобилската индустрија што толку брзо загубил толку многу вредност.

 

 

 

DW