Како дојде до тоа земјава да нема доволно струја?

Капацитетите за производство на струја со децении се занемарени, а не се инвестира во нови. Земјава увезува една третина од струјата што ја троши, а нема ни доволно енергенси за производство. По руската агресија врз Украина, цените на струјата и природниот гас во Европа драстично се зголемени.

Македонија не произведува доволно струја за да ги задоволи своите потреби, па кусокот го надополнува со увоз. Минатата година една третина од потрошената струја била од увоз, со што Македонија е енергетски најзависна држава во регионот. Најголемите кусоци се појавуваат зимно време, кога потрошувачката е многу поголема, со оглед на тоа што секое трето семејство се грее на струја.

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека домашното производство на струја е намалено за една четвртина во изминатата деценија, а производството во државните капацитети е речиси преполовено.

„Причините за трендот на намалување на производството во термоелектроцентралите се многубројните дефекти и прекини во работата на РЕК Битола, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК Битола, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции, намалување на ефикасноста во работењето и друго“, стои во извештајот на Регулаторната комисија за енергетиката.

Хидроцентралата Козјак е единствениот поголем државен капацитет изграден во независна Македонија.

Сите поголеми електрани се изградени на почетокот на 80-тите и се веќе дотраени.

Најголеми производствени капацитети се Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) Битола и термоцентралните Осломеј и Неготино. Во Осломеј нема веќе јаглен, а и во РЕК Битола се ископува помалку и со послаб квалитет.

ТЕЦ Неготино работи на мазут и со години беше исклучена, поради скапото производство. Но, со драстичното поскапување на струјата на светските берзи, и производството од мазут стана исплатливо па повторно беше вклучена.

Експертите велат дека ако овие термоцентрали работат со полн капацитет, без дефекти и испади од мрежата, зимоска ќе може да обезбедат струја за граѓаните и малите фирми.

Најголем проблем во моментов има со обезбедување струја за големите фирми кои се на слободниот пазар, каде што цените се и до 10 пати повисоки од лани.

Голем производствен капацитет е приватната когенеративна централа ТЕ-ТО, која произведува струја и топлинска енергија за парното во Скопје, од природен гас.

Мора да се увезуваат и енергенси за производство на струја

Струјата во Македонија главно се произведува од јаглен и од природен гас, а годинава и од мазут. Јаглен не се ископува доволно, ниту е со задоволителен квалитет, па земјава мора да го увезува, исто како и мазутот и природниот гас.

Во јавноста се добива впечаток дека власта се растрча да обезбеди енергенси во „пет до 12“, односно пред самиот почеток на грејната сезона. Парното во Скопје треба да се вклучи на 15 октомври, а сè уште е неизвесно дали ќе има гас и по која цена. Ако нема гас, парното ќе биде на мазут.

Проблеми има и со набавките на мазут и јаглен.

Собранието од почетокот на месецов ја продолжи кризната состојба за парно и струја за шест месеци.

Набавката на евтини енергенси е главен услов граѓаните и стопанството да добијат евтина струја.

Властите повторуваат дека струја и парно ќе има, но сè уште не соопштиле од каде ќе се обезбеди.

Пред десетина дена, премиерот Димитар Ковачевски рече дека Владата води интензивни преговори со земјите од соседството и со други држави за да се обезбеди електрична енергија по поволна цена за стопанството.

Владата се надеваше дека ќе обезбеди струја од Бугарија по цени пониски од пазарните, но таа работа пред неколку дена пропадна. Бугарија не смее да ни продаде поевтина струја, затоа што на тој начин ќе ги прекрши европските регулативи.

Претседателот Стево Пендаровски вчера за Телма рече дека се надева дека ќе добие европска помош за набавка на струја од Бугарија.

„Од бугарска страна образложението беше дека ако ние извеземе директно, билатерално кон вас, а не одиме на светските пазари, можеме да бидеме пенализирани, да бидеме санкционирани од Европската комисија. Фон дер Лајен вели дека ако го направите така директно не е дозволено, но има начин, преку тие солидарни, компензациони фондови, да ја обештетиме Северна Македонија за тоа што ќе биде разликата меѓу светските цени и она што Бугарија ќе ни го извезе“, рече Пендаровски.
Македонија ,исто така, деновиве преговара со Србија за набавка на евтин гас, со оглед на тоа што северниот сосед во јуни склучи тригодишен договор за набавка на гас од Русија по цени неколкупати пониски од берзанските. Проблем е што Србија нема дозвола од руски Газпром да го извезува тој гас. Македонија преговара, не да го увезе, туку да го трампа тој гас за струја. Идејата е српскиот гас да стигне во Македонија преку Бугарија, зашто нема гасна врска меѓу Македонија и Србија. Потоа, во ТЕ-ТО да се произведува топлинска енергија и струја, а половина од струјата потоа да се извезе во Србија за со неа да се плати гасот. Неизвесно е дали Газпром ќе дозволи таква размена.

Македонија преговара за набавка на струја и со Турција, но ниеден од овие договори не е финализиран.

Генералниот директор на државниот производител на струја АД ЕСМ, Васко Ковачевски, пред неполн месец изјави дека со Грција била договорена испорака на еден милион тони јаглен и 250 илјади тони мазут за непречена работа на термоцентралите.

Стопанството бара помош за да не затворат фирмите

Владата има обврска да обезбеди струја за околу 600 илјади домаќинствата и околу 70 илјади мали фирми, со помалку од 50 вработени и промет под 2,5 милиони евра. За нив државата обезбедува поевтина струја. Граѓаните добиваат струја по околу 45 евра за мегаватчас, а малите фирми за околу 220 евра за мегаватчас.

Големите фирми, околу 1600 на број, набавуваат струја на слободниот пазар, каде што цените во моментов се 400-500 евра за мегаватчас.

Тие ѝ дадоа рок на владата до утре да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар врз стопанството за фирмите да не затворат и да не отпуштаат вработени.

Најголемиот потрошувач на струја, Еуроникел од Кавадарци, поранешно ФЕНИ од почетоков на овој месец почна да ги гаси печките. Во наредните три месеци околу 800 вработени ќе седат дома и ќе добиваат по 70 отсто од платата. Лани Еуроникел потрошил над 7,4 отсто од целата струја во Македонија.

Скапата струја претходно затвори рудникот Бучим од Радовиш, кој лани потрошил 1,3 отсто од целата струја во Македонија.

Се очекува на крајот на месецов да затвори и Макстил во поранешната скопска Железарница, кој лани потрошил 1,5 отсто од струјата во Македонија.

Коморите велат дека или владата ќе им помогне или бизнисот ќе затвори. Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев вчера рече дека голем број од фирмите во индустријата не можат да ги издржат овие цени и затоа бараат помош од владата.

„Ако овие компании почнат да затвораат, а таму работат наши граѓани коишто треба да плаќаат сметки. Ако тие не земат плата, дури и малите сметки коишто се значителни субвенционирани, нема да може да ги платат“, рече Анѓушев во интервју за Сител.

 

 

Радио Слободна Европа