Како православните христијани во Германија слават Велигден

Цркви полни со икони и прекрасни фрески, со свеќи и темјан. Богослужби на грчки или арапски, на српски, македонски, бугарски или украински, руски или романски, дури и на арамејски, јазикот на кој некогаш зборувал Исус. Во Германија живеат милиони православни верници кои се подготвуваат за Велигден.

Оваа година сите христијански цркви ширум светот го слават Велигден на ист ден. Околу две милијарди католици, протестанти и православни христијани се сеќаваат на распнувањето на Исус и го слават неговото воскресение. Заедничката прослава на Велигден на сите цркви од Западот и Истокот се случува еднаш на повеќе години.

„Секогаш кога сите христијани ширум светот заедно го слават Велигден, тоа во нас буди длабок копнеж“, вели за ДВ Григорије Дуриќ (57), митрополит на српските православни христијани во Германија. Ова ја зајакнува „волјата да се продолжи по патот на единството меѓу црквите“. Григорије е еден од четворицата православни епископи во Германија со кои ДВ разговараше на оваа тема.

Полна месечина и календари
Но, зошто црквите на Западот, пред сѐ католиците и црквите на реформацијата – и црквите на Истокот го слават Велигден главно на различни датуми? За да се даде одговор на тоа, мора да се погледне во големата историја на црквата.

Оваа година се одбележува 1700-годишнината од Соборот во Никеја во 325 година. Тоа – пред распадот на црквите, пред разделбата и непријателството – бил еден од најважните црковни состаноци досега и бил прифатен од сите цркви. И Никеја како датум за Велигден ја одредила првата недела по првата пролетна полна месечина.

Но, на крајот на 16 век, римскиот папа Григориј XIII (1502-1585) прави реформа поради некои детали од календарот за престапните години. Оттогаш, западните цркви го користат таканаречениот Грегоријански календар. Меѓутоа, многу православни цркви се држат до таканаречениот Јулијански календар, кој датира дури од Јулиј Цезар (100-44 п.н.е.). Оттогаш, датумите на Велигден на западните и источните цркви може да бидат оддалечени и до пет недели.

Во последниве години, црковните водачи повикуваа на враќање на заедничкиот датум за Велигден за сите христијани. Папата Франциско долго време се залага за тоа, исто како и грчко-православниот патријарх Вартоломеј, коптскиот папа Тавадрос, а неодамна и Светскиот совет на црквите. Но, реализацијата на оваа побожна желба, оваа визија, изгледа невозможно.

„Главната работа е луѓето да слават“
„За мене лично, не е важно дали ќе славиме заедно или не“, вели Хана Хаикал (57), од 1999 година свештеник на Антиохиската православна црква во Берлин и епископ на оваа црква од 2011 година. „Главната работа е што сè уште има луѓе кои слават и се радуваат на овие велигденски настани. Дали тоа го правиме една недела пред или потоа, не игра воопшто никаква улога.“

Заедницата на Хаикал во Берлин цути. Денес таа е два или трипати поголема отколку што беше пред летото 2015 година. На Цветници, некогашната евангелистичка црква во центарот на Берлин беше преполна. За време на прославата, повеќе од стотина верници чекаа на улицата пред главниот влез за да се приклучат на процесијата околу црквата. Тие беа пречекани со вчудоневидени, па дури и иритирани погледи од туристите и од жителите на Берлин.

Но, Хаикал е среќен поради заедничкиот датум за Велигден и од многу практична гледна точка. „Ако нашиот Велики петок е државен празник, луѓето можат полесно да доаѓаат во црква, дали наутро или попладне“, вели тој за ДВ. Истото важи и за Велики понеделник. „Инаку ќе мора да славиме и да имаме служба доцна навечер.“ Така, минатата година, поворката на Велики петок тргна низ квартот дури вечерта.

Настава на Велики петок
Слични изјави дава и српскиот митрополит Григорије. Кога датумот на Велигден на православните христијани „се поклопува со оној на мнозинските цркви, не само што многумина се ослободени од работа, туку и децата немаат настава во училиште“, нагласува тој. Ова им олеснува на семејствата да слават заедно и првентствено им овозможува на многу луѓе да учествуваат во црковната служба. Но, „ако нашиот Велики петок е нормален работен ден“, сѐ е многу потешко.

И коптскиот бискуп Анба Дамијан (70) вели: „Добро е што во исто време ги имаме истите емоции како и другите христијани во Германија и не постиме кога другите јадат, и обратно. А нашата радост е огромна затоа што веќе не треба да брзаме поради тоа што луѓето треба да работат следниот ден. Можеме да славиме без стрес и без нервоза затоа што не сме сами“.

Дамијан очекува годинава на велигденската богослужба во „Црквата Свети Антониј и Св. Шенуда“ во Берлин-Хоеншенхаузен да присуствуваат околу 1.500 верници. Објектот, кој е изграден пред 120 години како протестантска црква, е најголемата православна црква во германската престолнина. И, како што е случајот со повеќето православни богослужби во Германија (не само на Велигден), долго по празнувањето, верниците седат заедно, разговараат, јадат заедно и слават. Без разлика дали се работи за Србите, коптите или антиохиските православни христијани од јужна Турција или Сирија, она што паѓа в очи е големиот број семејства.

Епископот Хаикал, кој за време на богослужбите проповеда на германски јазик, а понекогаш со верниците го кажува „Оче наш“ на повеќе јазици, нагласува уште еден аспект. На неговите прослави не доаѓаат само православни верници, туку и некои верници од други конфесии од регионот на потекло, вклучително и некои католици. „И, имаме и многу мешани бракови. За семејство каде на пример жената е православна, а мажот католик или обратно, голема радост е кога заедно го слават Велигден.“

Во светот има околу две милијарди христијани. Во Германија, околу половина од 86-те милиони луѓе се со христијанска вера. Покрај 19,7 милиони католици и речиси 18 милиони протестанти, сега во земјата живеат и околу 4,5 милиони православни христијани. Во големите градови има многу православни цркви. Но, православните заедници може да се најдат и во руралните области, на пример во Укермарк во североисточна Германија, во Ајфел на запад од земјата, па дури и во длабоката внатрешност на Баварија.

„Се надеваме дека заедничкото празнување на најголемиот христијански празник во иднина ќе биде сѐ почесто и дека нема веќе да биде само случајност, туку видлив израз на сѐ поголема блискост“, вели Србинот Григорије. Слично размислува и владиката Дамијан: „Се разбира, се стремиме заедно да го славиме Велигден во ист ден и засекогаш“. На крајот тој кажува реченица што веројатно слично би ја формулирал и епископот Хана Хаикал и која кажува многу за патот на овие цркви: „Му благодариме на Бога што ни е дозволено да живееме во христијанска земја, каде што можеме и да зборуваме за воскресението“.

 

 

DW