Како одговор на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Канада, некои кафулиња низ земјата почнаа да го преименуваат кафето „американо“ на нивните менија во „канадијано“, јавува Анадолу.
Едно кафуле во Торонто стави налепница „канадијано“ на менито до „американо“, заедно со симбол кој ја отфрла идејата за Канада како 51-ва американска сојузна држава.
На 1 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ за воведување царини од 25 отсто за увозот од Канада и Мексико и 10 отсто за увозот од Кина.
Пониска царина од 10 отсто беше воведена за енергетските ресурси увезени од Канада, а царините требаше да стапат на сила на 4 февруари.
Сепак, на 3 февруари, Трамп ја суспендира примената на царините за еден месец поради мерките што треба да ги преземат Канада и Мексико за зголемување на граничната безбедност.
Со истекот на овој период, вчера, стапија на сила суспендираните царини од 25 отсто за стоки увезени од Канада и Мексико.
По почетокот на применувањето на американските царини за стоки од Канада, канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека САД започнале трговска војна против неговата земја и најави дека Канада ќе одговори со соодветни мерки за американските стоки во вредност од 155 милијарди канадски долари со иста стапка како одговор на царините од 25 отсто воведени од земјата.