Одлуката за протести „падна“ на денешниот состанок на УПОЗ со синдикалната организација на министерствата.
Првиот човек на УПОЗ, Трпе Деаноски за Канал 5 кажа дека ќе штрајкуваат вработените од министерствата за економија, правда, администрација, животна средина, култура, земјоделство, образование, локална самоуправа, труд и социјална политика, а се чека потврда и од Државниот завод за статистика. Бараат зголемување на платите за 30 проценти и потпишување на колективен договор.
Според најавите протестот ќе започне на 14 јануари и ќе трае само половина час, односно од 11 до 11.30 минути и сите вработени ќе протестираат пред објектите каде што работат.
-Во вторник ќе протестираат вработените од седум министерства, можно е бројот да се зголеми,- изјави – Трпе Деаноски – претседател на УПОЗ.
Оваа одлука за протест доаѓа само ден, откако и вработените во Државното правобранителство стапија во штрајк.
Од Министерството за финансии за Канал 5 пак претходно кажаа дека дека со буџетот за 2025та година се предвидени средства за исплата на права на вработените согласно колективните договори.
Министерството за финансии постапувајќи согласно Законот за буџети одобрува преземање на обврски исклучиво врз основа на планираните средства кај буџетскиот корисник и дадено е позитивно мислење по однос на поднесени барања за потпишување колективни договори онаму каде се предвидени средства во рамки на одобрениот Буџет. Со Буџетот за 2025 година се предвидени средства за исплата на сите стекнати права на вработените согласно претходно потпишаните колективни договори, за кои потенцираме, дека дел се потпишани и без обезбедено мислење од Министерството за финансии, велат од министерството.
Инаку, Финансии претходно даде зелено светло за колективните договори за Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, дел од здравство, образование и финансии кои ги добија 30-те отсто.
извор: Канал 5