Кога илјадници танчери во Рио де Жанеиро парадираат низ стадионот „Самбодромо“ за време на карневалските денови, тоа се нарекува „најголемото шоу во светот“. Покрај тоа има и улични забави, таканаречени „Блокос“, на кои милиони луѓе слават заедно.
Според градот Рио де Жанеиро, околу седум милиони луѓе се собираат за време на карневалските денови – и трошат многу пари. Карневалот во Рио де Жанеиро не е само културна, туку е и економска вонредна состојба.
Милиони даночни приходи
Вештачки пердуви, шарени здолништа или маски: ако се шетате низ Рио де Жанеиро во деновите пред карневалот, не може да ги одминете бројните тезги полни со карневалски производи, украси и додатоци. „Луѓето вообичаено купуваат по нешто спонтано на пат кон работа или училиште“, раскажува за ДВ продавачката Мариел на нејзиниот карневалски штанд.
Бразил заработува многу пари со карневалот. Според градската администрација на Рио де Жанеиро, приходите од карневалот во 2024 година изнесувале речиси 830 милиони евра. Се проценува дека на ниво на Бразил во 2025 година од карневалот во касите ќе се влеат околу 2 милијарди евра, наведуваат од Националната конфедерација за трговија со стоки, услуги и туризам (ЦНЦ).
Придобивките од локалната економија
Њу Орлеанс, јужната метропола во американската сојузна држава Луизијана, се смета за карневалско упориште во САД. Спектаклот трае две недели и кулминацијата ја достигнува на Марди Грас, односно вторникот пред почетокот на велигденските пости. Со денови низ шарено украсените улици во стариот дел од градот дефилираат бројни групи. Многуте учесници носат шарени пластични ѓердани околу вратот, кои им ги дофрлаат од колите во поворката.
Забавно не им е само на многубројните посетители, туку и на креативците и културните работници, како и на локалната економија и илјадници мали бизниси, на кои карневалот им носи заработувачка. „Таквата економска активност пак, одржува десетици илјади работни места“, велат Џејмс Реис Трети и Елрој Џејмс, копретседатели на Советодавниот совет на Њу Орлеанс Марди Грас. Градската управа на Њу Орлеанс соопшти дека во 2023 година имале вкупен промет од 850 милиони евра.
Долга карневалска сезона
И Институтот за германската економија (ИВ) исто така со години ја набљудува економската моќ на карневалот во Германија, каде карневалската сезона трае неколку месеци. Традиционалниот почеток е на 11 ноември во 11:11 часот. Карневалски настани се одржуваат во текот на неколку недели, со настапи на бендови, комичари и традиционални карневалски и танцови групи.
Кулминацијата е уличниот карневал, каде што има карневалски поворки и улични прослави. Почетниот сигнал се дава во четвртокот пред пред т.н. Среда пепелница, на која почнуваат велигденските пости. Карневалот во Германија нуди доста долг период за заработувачка. Приходите на ниво на цела Германија за карневалската сезона 2024/2025 досега изнесуваат повеќе од 2 милијарди евра, стои во извештајот на институтот ИВ, близок до работодавците. Најголем приход остварило угостителството со речиси 925 милиони евра, потоа секторите малопродажба со 449 милиони евра, транспорт со 322 милиони евра и хотели со 240 милиони евра.
DW