Карпа која со милениуми била под мраз, веќе е без мраз со забрзаното топење на швајцарските глечери

Швајцарските глечери оваа година се топеле со најбрзо темпо откако пред повеќе од еден век е започнато бележење на податоците, соопштило во четвртокот телото за мониторинг “ГЛАМОС”.

Топењето било толку екстремно што на една локација се појавила основна карпа која со милениуми била под мраз, а на друго место е откриен авион кој исчезнал пред неколку децении. Многу помали глечери целосно исчезнале.

Глечерите оваа година изгубиле дополнителни шест проценти од преостанатиот волумен во однос на минатата година.
„На основа на климатските сценарија знаевме дека оваа ситуација ќе дојде, но некогаш во иднината. Сознанието дека иднината веќе пристигна беше изненадувачко и шокантно искуство ова лето“, изјавил Матијас Хус, шеф на службата “ГЛАМОС”.

Повеќе од половина од глечерите на Алпите се наоѓаат во Швајцарија, а во оваа област просечната температура расте двојно побрзо отколку на глобално ниво.

Научниците ширум Алпите биле принудени итно да ја поправаат својата опрема на десетина локации бидејќи поради брзото топење на мразот постоела опасност од поместување на мерните шипки и загуба на податоците.

Оваа година се изгубени околу три кубни километри мраз, што е последица од малите врнежи на снег минатата зима во комбинација со топлотните бранови кои се повторуваат.

Снежните врнежи овозможуваат обновување на мразот кој се топи преку лето и помагаат глечерите да се заштитат од дополнително топење со тоа што ја одбиваат сончевата светлина назад во атмосферата.

 

tocka.com.mk