Кина, САД, Русија: Стратешка трка на Арктикот

Во јули и август 2024 година, мразот на Арктичкото Море се скрши под челикот на три тешки мразокршачи: Ксуелонг 2, Џи Ди и Жонг Шан Да Шуе Џи Ди. Трите брода пробуваа непречен премин низ Норвешкото Море – практично, но пред сè симболично: трите брода јасно покажаа дека Кина е присутна на Арктикот и тоа долгорочно. Се слушна пораката: „Арктикот станува кинески“, соопшти руската новинска агенција РИА Новости во октомври 2024 година.

Кина долго време се ангажира на Арктикот, вели Мајкл Пол, експерт за поморска безбедност во берлинскиот тинк-тенк Наука и политика (СВП) и автор на неколку студии за геостратешката важност на Арктикот и кинеското присуство таму. „Од раните 2000-ти, Кина е силно ангажирана во регионот, особено во Исланд. Но, Пекинг наиде на одбранбен став од Данска и САД“. И двете држави стравуваат од прекумерно кинеско влијание, нагласува Пол. „Оттогаш, Пекинг се сврте кон другите земји во регионот, особено Русија. Сепак, Русија ослабна како резултат на војната во Украина и поради тоа и на Арктикот сè повеќе ја презема улогата на помал кинески партнер.“

Кина, како и другите земји во регионот, се ангажира на Арктикот во светло на климатските промени, кои таму се особено забележливи. Според Институтот за поларни и морски истражувања „Алфред Вегенер“, арктичкиот регион се загрева четирипати побрзо од остатокот на планетата. Резултат: Ледената капа на Арктикот се топи сè побрзо. Доколку, како што се прогнозира во моментов, таа во голема мера се повлече во текот на летните месеци помеѓу 2030 и 2040 година, најверојатно ќе се воспостават три нови бродски линии за патување од Пацификот до Атлантикот, што ќе овозможи постојните рути да се скратат, во некои случаи значително.

Три нови бродски рути
Една од овие рути, таканаречениот североисточен премин во близина на руското копно, од страна на Кина и Русија веќе се развива како рута за трговија и суровини. „Ова особено се однесува на транспортот на гас од полуостровот Јамал во западен Сибир до Кина“, вели политикологот Клаус-Петер Залбах од Универзитетот Оснабрик, автор на студија за геостратешката важност на Арктикот. Сепак, преминот во моментов сè уште е прилично малку посетен. „Во моментов таму минуваат само по неколку десетици бродови годишно.“

Северозападниот премин, покрај брегот на Канада, во моментов е уште помалку прооден. Се смета дека тој е значително потежок за поминување од североисточниот премин. „Научната служба на Конгресот на САД се сомнева дека тој некогаш ќе биде комерцијално исплатлив“,вели Залбах. Тој веројатно ќе претставува и политички предизвик за Русија и Кина. „Тој, имено, поминува низ области кои Канада ги смета за нејзини територијални води и го задржува правото да го регулира превозот таму“, објаснува Залбах.

Со оглед на брзото топење на мразот, може да се предвиди дека таканаречената трансполарна морска рута ќе се отвори во летните месеци. Таа поминува низ морето и затоа е полесна за навигирање. Во исто време, тоа е најкраткиот пат низ морето. „На оваа рута, Исланд може да игра улога како пристаниште за претовар“, вели Залбах. „Кина веќе изгради огромна амбасада на Исланд, што укажува на силно кинеско присуство во иднина. Исланд, од своја страна, пружа рака кон ЕУ, но и кон Русија и Кина.“

Трамп, Гренланд и Панама
Американскиот претседател Доналд Трамп моментално кокетира со идејата да го стави Гренланд под контрола на САД – проект што тој веќе го имаше за време на неговиот прв мандат и кој кореспондира и со генералната политика на САД од крајот на Втората светска војна.

Всушност, соработката меѓу Кина и Русија на северниот поморски пат оди во насока на тоа двете земји да контролираат кои други држави би смееле да ја користат арктичката рута во иднина, вели Мајкл Пол. „Затоа, разбирливо е Трамп по тоа прашање да реагира екстремно алергично. Тој тоа го направи и во однос на Панамскиот Канал, чии две пристаништа на влезот и излезот беа контролирани од кинески компании. Но, тие сега се продадени на американски конзорциум. И Јапонија и Јужна Кореја сакаат да го користат северниот поморски пат во иднина, но не сакаат да се потчинат на рускиот или кинескиот режим“, нагласува Пол.

Богати ресурси на суровини
Во исто време, топењето на мразот го олеснува ископувањето на огромните ресурси на суровини во регионот. Геолошкиот институт на САД (УСГС) уште во 2008 година во една студија процени дека околу 30 отсто од неоткриените светски резерви на гас и 13 отсто од неоткриените светски резерви на нафта се наоѓаат на Арктикот.

Гренланд има значителни наоѓалишта на ретки метали, кои се потребни за производство на високотехнолошки производи како смартфони, електромотори и батерии. На Арктикот има и метали, дијаманти, јаглен и ураниум. „Сето ова ја интензивира трката за регионот“, вели Залбах.

Сепак, ископувањето на овие наоѓалишта носи значителни тешкотии, вели Мајкл Пол. „Рударството се одвива во екстремни климатски услови и бара логистика која, барем во моментов, речиси и не постои.“ Покрај тоа, во некои области на Арктикот сѐ уште не е решен спорот за правата за користење, рече Пол.

Воена димензија
Арктикот е исто така од значителен воен интерес. Со оглед на тоа што тоа е најкратката врска меѓу Русија и Северна Америка, во случај на руски напад ракети би летале и над оваа област. Во воздухопловната база Туле, пред две години преименувана во вселенска база Питуфик, САД управуваат со систем за рано предупредување од можни ракетни напади од Русија или други области. Таа исто така служи и како станица за снабдување и полнење гориво за авионите на САД и НАТО.

 

 

 

DW