Кинеска компанија го надмина Старлинк во распоредување на ласерски комуникации сателит-земја, најверојатно отворајќи ја вратата за 6G, далечинско сензорирање со ултра висока резолуција и напредна технологија за позиционирање на сателити, објавија денес кинеските медиуми, пренесува Анадолу.
Чанг Гуанг сателитски технологии Ко. (Chang Guang Satellite Technology Co.), првиот кинески производител на сателити за далечинско сензорирање и оператор на соѕвездието сателити „Џилин-1“, постигна брз пренос на податоци од 100 Gbps на тестирањата минатата недела, објави дневниот весник „Саут чајна морнинг пост“.
Тоа е 10 пати побрзо од претходниот рекорд и вклучуваше пренос на податоци помеѓу копнена станица поставена на камион и еден од 117 сателити од соѕвездието „Џилин-1“, истакна компанијата.
Ванг Хангханг, шеф на копнената станица за ласерска комуникација на компанијата, рече дека ова постигнување ја ставило „Чанг Гуанг“ пред „Старлинк“, вселенската компанија во сопственост на милијардерот Илон Маск.
„Сметаме дека тие ја имаат технологијата, но ние веќе започнавме со распоредување од пошироки размери“, рече Ванг.
Компанијата има за цел да ги опреми сите сателити во соѕвездието „Џилин-1“ со ласерски комуникациски единици со цел подобрување на ефикасноста, целејќи кон мрежа од 300 сателити до 2027 година, додаде тој.
„Планираме да ги распоредиме овие ласерски комуникациски единици низ сите сателити во соѕвездието Џилин-1 за да ја подобриме нивната ефикасност, со цел вмрежување на 300 сателити до 2027 година“, рече тој.
Следната генерација на безжична технологија, 6G, е дизајнирана да биде многу побрза од 5G, со брзини од над терабит во секунда и екстремно мала латентност од само 100 микросекунди.
Таа има за цел да обезбеди глобална покриеност со комбинирање на мрежи на копно, воздух и во вселената, користејќи бранови со повисока фреквенција, како што се оние во опсегот на терахерци.