Клековски: Од 115 пациенти кои се лекуваат во странство шест се критични, вчера се хоспитализирани нови шест пациенти на Клиника

Состојбата се подобрува, се намалува бројот на критични пациенти, но далеку сме од моментот на опуштање. Борбата не е завршена, затоа што сега почнува ризикот од инфекции и допрва претстои можно влошување на состојбата, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

Нема опуштање – затоа што како се намалува ризикот од акутните изгореници и респираторни повреди, почнува да расте ризикот од инфекции. Така што, борбата не е завршена, таа допрва претстои и можно е пациенти кои биле во добра состојба да им се влоши состојбата поради ризик од инфекција. Оваа борба ќе биде долга и нема да биде решена ниту за една, ниту за две недели, рече Клековски на прес-конференција, посочувајќи дека за двете состојби се прави мониторинг и редовни токсиколошки и микробиолошки анализи и во земјава и во болниците во странство.

На 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани во пожар загинаа 59 лица, а околу 200 лица беа повредени.

Посочи дека сите 54 повредени пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјава се во стабилна состојба, а од 115-те во странство – шест се критични. Соопшти и дека вчера биле хоспитализирани шест нови пациенти – пет на Токсикологија и еден со комбинирани – респираторни проблеми и изгореници.

Во понеделник се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, рече, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.

Нагласи дека болничкото лекување во странство е гарантирано бесплатно и сто отсто на сметка на државата во која е хоспитализиран пациентот и дека се што се појавува во јавноста во врска со некакви трошоци за лекувањето е дезинформација.

Клековски информираше дека ФЗОМ им дал насоки на матичните лекари за отстранување на ограничувања во пропишување на лекови и боледувања за засегнатите во пожарот во Кочани и за нивните семејства, со оглед на тоа што досега не биле предвидени вакви ситуации освен за заразни болести.

Имаме полна соработка со матичните лекари кои доста помагаа во управување со севкупната ситуација, додаде Клековски.