ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи свои кадри за техничката влада и да ја исполни законската обврска. Ако не го стори тоа, ќе фрли дамка врз изборите, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Партиите забрзано ги вршат подготовките за двојните избори на пролет. Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно ја повика опозицијата да предложи свои кандидати за техничката владакоја треба да се формира на 28 јануари, бидејќи во спротивно ќе фрли дамка врз изборите, објави dw.com.
Според него, оставка на премиерот и формирање на влада која ќе ги подготви изборите е законска обврска која што тој ќе ја исполни.
„Законска обврска е на 100 дена пред одржување на изборите, претседателот на владата да поднесе оставка. Така иВМРО-ДПМНЕ треба да предложи свои кадри и да ја исполни законската обврска. Ако не го стори тоа, ќе фрли дамка врз изборите“, рече Ковачевски на настан во МАНУ.
Нема можност за импровизации
Тој ги отфрла можности за импровизации во однос на составувањето на техничката влада. „Со закон е регулирано кои позиции се менуваат во владата, согласно Закон за влада и Изборен законик. Секое импровизирање може да фрла дамка врз целиот процес. Се работи за влада која треба технички да ги подготви изборите“, рече Ковачевски.
Премиерот е убеден дека Северна Македонија на 24 април и 8 мајќе има демократски избори на кои граѓаните ќе ја изразат својата демократска волја.
На 28 јануари се очекува да се гласа за техничката влада, на чие чело ќе застане кадарот на ДУИ – Талат Џафери,додека функцијата која што тој ја извршува како претседател на Собранието ќе ја преземе координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски. Гласањето за нов претседател на Собранието се очекува да се одржи во средината на јануари.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе одлучува дали ќе учествува во техничката влада.
Поделба на ресорите
Формирањето на преодната влада е предвидено со Пржинскиот договор и таа ќе функционира 100 дена пред парламентарните избори.
Законот со кој се предвидува ваква влада пред избори е дел од таканаречениот Пржински договор постигнат во 2016 година. Според него, Владата ќе добие технички премиер по предлог на ДУИ, а двајца министри (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) треба да бидат назначени по предлог на најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата треба да добие и тројца заменици министри и тоа во министерствата за земјоделство, финансии и администрација и информатичко општество.
Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања и инвестиции.