Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во емисијата „Разговор во редакција“ на истражувачката лабораторија ИРЛ, истакна дека во услови на енергетска криза се ставаат во функција сите расположливи капацитети за производство на струја со кои располага државата, а од кои поголемиот дел се направени уште во времето на СФРЈ, поради што се неопходни нови инвестиции на кои веќе се работи.
„РЕК Битола сега во ноември одбележува 40 години од постоење, исто е и со другите капацитети. Затоа ние имаме еден монументален проект во државата кој се нарекува Чебрен и којшто имаше 13 неуспешни обиди. За прв пат, има понуда од страна на инвеститор. Тоа е проект вреден 800 милиони евра. Дали ќе биде успешна понудата, евалуацијата ја прави стручна комисија која е составена од експерти од ЕСМ, од Министерство за економија, од Министерство за животна средина и просторно планирање итн. Ако биде успешна до крајот на годината може да има потпишување на договор и почеток на проектирање и изградба на Чебрен“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека Владата има сериозен план за транзиција кон обновливи извори за производство на енергија и на тоа веќе се работи.
„На старите наоѓалишта на јаглен во Битола, во Осломеј – Владата има веќе план и почна со изградба на фотоволтаични централи. Првата од десет мегават часови е изградена во Осломеј и проектите се прават заедно со ЕБОР, КФВ банката и Светска банка. Тие се финансиери на вакви големи капитални објекти. Овие компании каква што е “Вe-Пe-Дe” која сака да гради ветерна електрана од половина гигават во Општина Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка тие и на други пазари функционираат како приватни корпорации. Таа електрична енергија и тие капацитети ќе бидат во нашата држава. Затоа треба секогаш да се најде баланс меѓу јавните инвестиции и меѓу приватните инвестиции кои произведуваат стоки и услуги кои ги користат граѓаните на нашата држава“, рече премиерот Ковачевски.
извор: Влада