Ковачевски – Зеленски: Северна Македонија ќе продолжи со поддршка на Украина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска низ телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја пренесе поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина.

„Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакна премиерот Ковачевски.

Во разговорот беше разговарано и за досегашната помош и поддршка која Северна Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакна благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Северна Македонија и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.

Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. „Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, ќе ја посетам Украина“, нагласи премиерот Ковачевски.

извор: Влада