Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, денеска беше во посета на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, каде е комплетно реновиран првиот спрат за интензивна и постинтензивна нега на Клиниката, вклучувајки ги кабинетите за дијагностика и интервенции.
„Најтешко болните пациенти од целата држава кои имаат потреба за болнички третман на Клиниката за гастроентерохепатологија отсега ќе престојуваат во достоинствени услови и ќе добиваат современи медицински услуги.
Пациентите кои имаат потреба од дијагностика и интервенции, ќе бидат прегледувани и третирани во новоопремени кабинети за дијагностички и интервентни процедури. Ова е прво вакво реновирање, откако е формирана Клиниката за гастроентерохепатологија“, рече премиерот Ковачевски.
Реновирањето е во најголем дел финансирано од Владата на САД, конкретно од Командата на Соединетите Американски Држави за Европа, во вредност од над 400-тини илјади американски долари, наменето е за граѓаните на Република Северна Македонија, а е реализирано во соработка со Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар во Скопје, поради што премиерот Ковачевски се заблагодари до амбасадорката на САД и до директорката на Клиниката.
„Почитувана амбасадорке на САД, Ангела Агелер, благодарност до граѓаните и до Владата на САД за огромната поддршка од Соединетите Американски Држави – на Република Северна Македонија – во сите важни процеси, но и на конкретно ниво, преку проекти од суштинско значење за квалитетот на живот на нашите граѓани. Преку истата оваа програма за хуманитарна помош од САД, знам дека се прошируваат и капацитетите на Клиниката за хематологија, а се проширени капацитетите и се реновирани операционите сали на Клиниката за максилофацијална хирургија.
Односно, околу 14 милиони долари во изминативе 13 години е поддршката преку оваа американска програма за хуманитарна помош во здравството, образованието и за менаџирањето со кризи. И ова е вистинско пријателство на дело.
Република Северна Македонија е на вистинскиот колосек, имаме искрени и вистински пријатели од меѓународниот демократски свет и ете ова значи да се биде кредибилен партнер на меѓународната заедница“, рече премиерот Ковачевски.
Амбасадорката на САД во државава, Ангела Агелер, во обраќањето порача дека oваа поддршката е како за пациентите, така и за посветениот медицински персонал на клиниката, којшто работи добро и на посветен начин.
„Целиот спрат на Клиниката е целосно реновиран и значително го подобри не само нејзиниот капацитет, туку и нивото на услуга што им ја дава на граѓаните.
САД, ЕК донираат 400.000 долари за реновирање и тоа е само уште еден пример за долгогодишната посветеност што ја направивме да ѝ помогнеме на Северна Македонија да изгради доверба и квалитет во институциите“, рече амбасадорката Агелер.
На амбасадорката Агелер и се заблагодари и директорката на Клиниката, Калина Гривчева-Сарделова, која истакна дека пред неколку години е реновиран третиот спрат на Клиниката, каде, во амбулантниот дел е отворен и Центар за болести на црн дроб.
„Што значи дека денеска означуваме комплетно завршување на еден процес и може да кажеме дека имаме најсовремени услови за работа што одговараат за терцијарна здравствена установа, којашто е единствена од овој вид во нашата земја.
Проектот за реконструкција кој го завршивме е голем и значаен, бидејќи ова е негово прво темелно реновирање откако е изграден објектот на Интерните клиники, пред повеќе од 60-тина години.
Клиниката за гастроентерохепатологија е доказ дека кога се сака се може, со заеднички пристап и меѓусебна поддршка на сите вработени“, рече директорката Гривчева-Старделова.
Претседателот на Владата, Ковачевски, го поздрави и значајниот ангажман на директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Гривчева-Старделова и нагласи дека здравството е меѓу врвните приоритети на Владата.
Премиерот, во обраќањето посочи и на повеќе значајни инвестиции на Владата во здравството во текот на минатата година: нова апаратура за дијагностика во поголем број јавни здравствени установи низ државата, како што се мамографи, дигитални рендген апарати, ангиографи, компјутерски томографи; линеарен ацелератор за пациентите со малигни заболувања на Клиниката за радиотерапија и онкологија; нов апарат за зрачна терапија во Градската општа болница 8-ми Септември; нови ангиографи за повеќе јавни здравствени установи, како и дека изминатата година ја одбележа историски успех во здравството – трансплантација на црн дроб, со што македонското здравство се вброи меѓу светските здравствени системи коишто успешно ја вршат оваа трансплантација.
Во изминативе 5 години премиерот рече дека се поставени најсовремени компјутерски томографи и магнетни резонанци во повеќе болници низ државата; после 15 години, на Клиниката за уво, нос и грло набавени се нови апарати; нов рентген апарат наменет за снимање во детската болница Козле; нова опрема за Клиниката за детски болести; нов ехо апарат на Клиниката за детска хирургија; нова медицинска опрема за Специјална болница за гинекологија и акушерство – Чаир; нови апарати за неонатолошките интензивни одели на Клиникaта за гинекологија и акушерство во Скопје; нова апаратура за унапредување на работата во очното одделение во Клиничка болница Битола; нов апарат за рана дијагностика на оштетувања на слухот кај новороденчиња во Општа болница Куманово; реновиран е Одделот за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести во рамки на Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, набавени се нови возила за Итната медицинска помош во Скопје, возила за интерклинички транспорт на пациенти, за лица со попреченост.
Воведени се укинати квоти за лекови на рецепт. Зголемена е основната плата на лекарите специјалисти за 40 проценти; на медицинските сестри на клиниките помеѓу 20 и 23 проценти; на општите лекари за 25 проценти, на здравствени соработници за 15 проценти.
Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници – за некои типови на дежурства – за два до три пати за викендот.
Зголемени се капитациите за матичните лекари.
„Овде сме за да порачаме дека здравството продолжуваме да го унапредуваме со засилено темпо. Ние не трошиме за милионски жални врби, галии, стиропор. Ние ги насочуваме парите кај граѓаните. Ние се грижиме за потребите на граѓаните!“, порача премиерот Ковачевски.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, ја поздрави значајната поддршка од Амбасадата на САД и рече дека Владата останува посветена на унапредувањето на здравствениот систем.
„Работиме на подобрување на условите за лекување на пациентите, осовременување на инфраструктурата, реорганизација и подобрување на услови за вработените. Токму инвестирањето во сите региони подеднакво е мој фокус и развивање регионални центри низ државата, за што имаме изготвено детален план за реорганизација на здравствениот систем“, рече министерот Меџити.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, нагласи дека целта на Владата е европски квалитет на живот на граѓаните и со вистинските пријатели како САД и од Европа, за Република Северна Македонија, достижна е и оваа стратешка цел.
извор: Влада