Ковачевски по потпишаниот Меморандум: Брза железничка линија Скопје-Ниш-Белград, го поврзуваме регионот со ЕУ и овозможуваме забрзан економски развој

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, имаше заедничка прес-конференција со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, по билатералната средба и потпишувањето „Меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси помеѓу Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија и Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија“.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата:

„Почитуванa премиерке Брнабиќ,

Почитувани министри,

Почитувани претставници на медиумите,

Како и амбасадори на државите за успешната организација на вчерашниот и денешниот ден при нашата посета во Република Србија,

Најпрво да ви се заблагодарам на сите Вас за тоа што го следите Саемот „Винска Визија на Отворен Балкан“ и ја информирате јавноста за сите случувања на овој меѓународен настан.

Нашите Влади се силно ориентирани да го подигнат економскиот и социјалниот стандард на граѓаните, а на бизнис заедницата да и овозможат квалитетно и ефикасно да работат во однос на извршување на своите деловни планови и да ги реализира во разумен рок.

Ваквиот пристап доведува до квалитетни решенија посебно во време на светска економска и енергетска криза, како и на силни геополитички превирања, што за нас е голем стимул уште посилно да се вложува за стабилен и просперитетен Западен Балкан.

Благодариме за срдечниот прием на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ. Денешната средба, уште еднаш  ги потврдува нашите заложби за важноста од  економската соработка во регионот, која е неопходна за соработката со земјите од Европската Унија и која што на крајот резултира со Балкан кој е поврзан и кој успешно може да соработува и меѓу себе меѓутоа и со земјите од ЕУ.

Нашата посветеност на унапредување на соработката со сите земји во регионот, даваат бенефит за нашите граѓани, ние сме држава како и сите други држави од регионот со не толку силни економии како на земјите членки во ЕУ и затоа од голема важност е меѓусебно да соработуваме бидејќи во заедништвото е секогаш силата.

Кога зборуваме за соработката, потврдуваме дека нашиот фокус мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат. Ние имаме нагласена европска ориентација, реформски сме ориентирани и подготвени да даваме придонес во меѓународната соработка во сите области.

Денеска во рамки на иницијативата Отворен Балкан, Министрите за транспорт и врски бевме сведоци дека потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси.

Овој Меморандум за соработка се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салзбург. Секако со крак кон Будимпешта.

Конкретно зборуваме за делницата Скопје-Ниш-Белград и секако за кракот кој во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром во Скопје.

Се работи за пруга која што треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Република Северна Македонија во првата фаза, а интенцијата е како што кажа и премиерката на Србија коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга која што ќе биде од Скопје до Солун потоа од Солун до Пиреа и Атина.

Комерцијалната брзина на оваа пруга ќе биде најмалку 160 km/h, инаку веќе Министерството за транспорт и врски на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација која се прави во Србија за патничките возови што ќе овозможи навистина брз проток она што на Балканот не сме го имале, а што сме го гледале во земјите од Западна Европа.

Во следните две недели, Владите ќе формираат работна група која ќе изготви план со активности со динамика на реализација на овој проект. И ова е стартна точка од каде се планира да започнеме со модернизација на железничкиот систем во државата.

Коридорот 10 за нас е важен европски коридор и неговата реконструкција е повеќе од неопходна за да ја одржиме конкурентската позиција во регионот и генерално преку брзата пруга да го развиваме целиот регион.

Ова е уште една можност во рамки на регионалната инцијатива да овозможиме брз транспорт на стока и услуги не само низ земјите во Западен Балкан туку и кон земјите членки во ЕУ.

Со Отворен Балкан сакам да потсетам и на други придобивки кои ги направивме, а тоа е преку синхронизирање и признавање на соодветни сертификати и друга документација ја подобривме брзината и ефикасноста на транспортот на стоки, а со тоа ја зголемивме и конкурентноста на регионот.

Вчера, на отворањето на Саемот на вино, се покажа и докажа дека како земја имаме одлични резултати. Според последните податоци на World Top Export Северна Македонија е прва земја во регионот по извоз на вино и по големината на неговата вредност. За прв пат пред Грција според најновите податоци кои вчера ги соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, а исто така сме пред другите земји во регионот, Бугарија, Словенија, Хрватска. Во 2022 година според вредноста на извозот на вино, каде што претходно бевме рангирани на 29-то место, според најновото рангирање Северна Македонија е на 13-то место во светот по извоз на вино со 60 милиони евра извоз на вино. Зад нас како што напоменав се наоѓаат голем број на држави кои што претходно биле пред нас. Најголем извоз на вино традиционално со години наназад имаме со Србија. Минатата 2022 година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од над 20 милиони.

Пред еден месец за прв пат донесовме 10 годишна стратегија за развој на лозарството и винарството, а на последната седница, Владата го усвои новиот предлог Закон за вино – целосно усогласен со регулативите на ЕУ. Силно инвестираме во винскиот сектор и според последните податоци, субвенциите заедно со дополнителната поддршка достигнуваат до 1.000 евра по 1 хектар. Имаме регистрирани 300 винарии и истите се најголеми корисници на средствата од ИПАРД програмата, во што сме исто така лидери во искористеност на овие ЕУ фондови во регионот.

На Саемот сме присутни со 74 винарии и со над 1.000 етикети на македонско вино.

Винариите, преку иницијативата Отворен Балкан со здружени сили работат во развој на своите бизниси, а со тоа сите заедно придонесуваме за развој на нашите економии, за зацврстување на економската соработка во регионот.

Сакам да се заблагодарам на премиерката на Србија и Владата што веќе од утре започнуваме заеднички да го подготвуваме презентирањето на Северна Македонија на World Expo што ќе се одржи во Белград во 2027. Ние навистина бевме едни од најсилните поддржувачи домаќин на World Expo 2027 да биде Србија како наш прв сосед и со држава со кое немаме ни едно отворено прашања. Нашите состаноци се многу конкретни, секогаш во пријателска атмосфера и како што гледате на секој состанок има конкретни резултати од кои бенефит имаат и нашите граѓани и нашите компании.

Меѓусебното признавање на дипломите, заедничката наплата на патарините и во Србија и во Северна Македонија преку заеднички М-Таг, укинување на голем број на нецарински бариери кои постоеа на граничните премини, проширување на граничните премини. Воведување на софтверски решенија со кои се олеснува транспортот на луѓе и на стоки и комуникација на трговија со услугите.

Само можам да изразам комплименти за соработката која ја имаме и на ниво на претседатели на држава и на влади, на ниво на министри. Пред се на ниво на граѓани кои пред сè се почитуваат, се сакаат и како што често пати кажува претседателот на Србија дека го сака многу македонскиот народ, исто можам да кажам дека и јас и сите наши граѓани го сакаат српскиот народ како еден од нај пријателските.“