Поранешниот премиер, а сега пратеник во Собранието, Димитар Ковачевски изјави дека во целото негово работење и како премиер и како заменик-министер за финансии, се водел согласно законите. Неговата реакција следува откако МВР поднесе кривична пријава против осум лица, вклучително и против него, за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласност со нив. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“, изјави денеска Ковачевски во Собранието.
МВР вчера ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммината за случајот „Лотарија“ меѓу кои е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генералниот секретар на владата Методија Димовски.
slobodnaevropa.mk