Работата на собранието гледаме дека и покрај бојкотот и блокадите кои што ги прави опозицијата, и тоа не целата опозиција туку дел од неа, ВМРО – ДПМНЕ, тоа функционира. И последната седница го усвои дневниот ред практично и беа изгласани дел од точките за кои што постоеа исполнети услови за нивно отпочнување. Потоа гледаме дека на Комисијата за избори и именувања веќе почна расправата за избор на уставни судии, каде што сите политички партии ги предложија своите предлози и според мислења на стручната јавност дека се работи за лица кои што се предложени од страна на пратениците и за кои што ќе има вредна расправа и за кои што следува избор на Уставни судии, истакна премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:
Исто така во повеќе наврати кажав дека во услови на најголема светска економска и енергетска криза, сеуште присутна здравствена пандемија гледаме дека во добар дел од светот веќе има повторно мерки за дистанцирање и затворање на одредени производствени и услужни процеси, како Кина, како што е во дел од азискиот континент, знаеме дека пандемијата не мирува и дека секогаш треба да бидеме подготвени, а дека во такви услови секоја политичка партија треба да биде одговорна и да даде максимум да се носат мерки и да се носат закони кои што го олеснуваат секојдневниот живот и кои што се грижат за задржување на стандардот на населението. Не постојат закони кои што не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла, и тука не може да се смета собранието за супермаркет каде што некој ќе одлучува кој закон ќе помине кој нема да помине од причина што секое законско решение содржи во себе или унапредување на одредени процеси или унапредување на одредени права на граѓаните или на компаниите во државата бидејќи не сите закони се однесуваат исклучиво на граѓаните туку има голем дел на законски решенија кои што се однесуваат на подобри услови на деловната заедница во државата. Исто така и на голем број на одредени групи во општеството на кои што треба да им се излезе во пресрет.
Исто така постојат голем број на законски решенија кои што се унапредуваат согласно со напредокот на развојот на општеството и согласно со усогласувањето со директивите на ЕУ.
Затоа уште еднаш би посочил дека апсолутно е неодговорно во услови на ваква криза да се врши бојкотирање и блокирање на собранието. Прво тоа граѓаните не го заслужуваат. Второ, пратениците треба да бидат одговорни бидејќи нив не ги бираат политички партии туку ги бираат граѓаните, тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на собранието бидејќи собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата.