Ковачевски ќе го пречека Столтенберг, по што предвидена тет-а-тет средба и заедничка прес-конференција

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска во 15:25 часот ќе го пречека Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Република Македонија, што е прва посета откако државата е полноправна членка на НАТО, соопшти владината прес служба.

Според агендата за официјалната посета на Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, веднаш по церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.

Во составот на македонската делегација ќе бидат министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески.

Премиерот Ковачевски и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата, во 16:30 часот.