Изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц за дозвола на Украина да испукува ракети што ги добива од Западот кон воени цели длабоко на руска територија ја разгореа дебатата за испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Киев. И сето ова се случува кога од германските медиуми дознаваме дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го посети Берлин на 28 мај.
Украина долго време бара германско-шведски систем за оружје, кој може да испорача голем товар со голема прецизност до цели оддалечени околу 500 километри.
Германија е втор најголем снабдувач на воена помош за Украина, по САД.
Сепак, претходникот на Мерц, Олаф Шолц, одби да ги испорача ракетите „Таурус“ поради заканите на Кремљ дека со тоа Берлин ќе стане страна во војната.
„Германското двоумење под водство на Шолц ѝ даде на Русија оперативна предност и ѝ дозволи да ја прилагоди својата одбрана и тактики“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Џон Форман, поранешен британски воен аташе во Москва и Киев.
„И покрај доцнењето, додавањето на уште една жица на украинскиот лак би било добро. Но, не сум убеден дека тоа ќе го промени текот на војната“, додаде тој.
Какви ракети со долг дострел има Украина?
Од руската инвазија на Украина во 2022 година, западните земји му обезбедија на Киев разновидно оружје способно да погоди цели далеку зад руските линии.
slobodnaevropa.mk