Комисијата за паричен надомест на жртви од кривични дела со насилствo примила 8 барања за надомест

За една година постоење, Комисијата за паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство, формирана при Министерството за правда, примила 8 барања за надомест, а меѓу нив има и за полов напад врз дете и за силување на дете.

Не исплатила сè уште ни денар, зашто жртвите на насилство или семејствата на убиените, не знаат оти не може да поднесуваат барања за насилства кои се случиле пред да почне да се применува Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Примената почна на 25 мај 2023 година, што значи дека надоместок може да се бара за претрпените насилства од тој датум наваму.

Според одговорот што го добивме од Министерството за правда, за два од 8-те поднесени барања за надомест на жртвите, Комисијата побарала дополнителна документација и тие се работат.

Од поднесените барања две биле по убиство на близок член од семејството, еден предмет бил од жртва на семејно насилство, еден за семејно насилство и загрозување на сигурноста, натаму еден предмет за насилство, потоа за тешка телесна повреда при вршење на семејно насилство, за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години и за силување на дете кое не наполнило 14 години, исто така еден предмет.

„Право да аплицира односно да поднесе Барање за остварување на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство има жртва на кривично дело со насилство, вклучувајќи го родово-базираното насилство, семејното насилство, насилство врз половиот интегритет, трговија со луѓе/дете, ропски однос или други кривични дела со сериозни последици, како физички и психички. Правото на надоместок се однесува и на оние кои се обиделе да спречат извршувањето на такво дело, како и на оние кои давале помош на жртвата или помагале на полицијата при приведувањето на сторителот. Надоместок може да се бара и ако сте член на семејството на жртвата која починала поради насилство“, прецизираат од Министерството за правда.

Услови за поднесување на Барање за остварување на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство се кривичното дело да се случило во Република Северна Македонија и тоа да биде евидентирано или пријавено до полицијата или јавното обвинителство кои треба да издадат соодветно известување.

„Ова право важи независно од вашиот статус или државјанство, под услов да се наоѓате на територијата на Република Северна Македонија во време на извршувањето на кривичното дело. Право да побараат надоместок на штета имаат државјани на Северна Македонија, странски државјани, лице без државјанство или неевидентирано лице во матичната книга на родени. Правото на надоместок важи и ако сторителот не е познат или ако нема кривична постапка. На барање на жртвата, или на барање на родителот/старателот или полномошник, полицијата или јавното обвинителство се должни да издадат соодветно известување, записник за примање пријава, службена белешка или потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело“, велат оттаму.

Јавноста не знае многу ни за законот, ни за тоа дека жртвите не треба да чекаат правосилност на пресуда, туку може да побараат надомест само со потврда дека случајот е пријавен и евидентиран во полиција или во Обвинителството.

Согласно член 13 ст.1 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, предуслов за остварување на правото на паричен надоместок е кривичното дело само да е евидентиранo или пријавено во полиција или во Јавното обвинителство.

 

 

sdk.mk