Конор Мекгрегор, ѕвезда на мешаните боречки вештини (ММА) и поранешен шампион на УФЦ, ја најави својата кандидатура за претседател на Ирска, велејќи дека ќе се спротивстави на ставот на Владата за Пактот на Европската Унија за миграцијата и ќе се залага за одржување референдум на оваа тема, јавува Анадолу.
Во објава на Инстаграм, Мекгрегор го изрази своето противење на договорот за миграција што Ирска треба целосно да го спроведе до 12 јуни 2026 година.
Тој остро ги критикуваше владините претставници за нивната поддршка на пактот и вети дека ќе им овозможи на граѓаните да одлучат за ова прашање.
„Кој друг ќе ѝ се спротивстави на Владата и ќе се бори против овој закон? Секој друг кандидат што ќе го предложат нема да има никаков отпор. Јас ќе имам!“, изјави Мекгрегор.
Тој додаде дека доколку стане претседател, ќе ја стави оваа одлука на референдум:
„Иако силно се противам на овој пакт, не е моја ниту, пак, одлука на Владата дали ќе се спроведе. Тоа е избор на народот на Ирска! Секогаш! Тоа е вистинска демократија!“
Мекгрегор ги праша властите зошто „толку силно“ го поддржуваат пактот и побара јавна дебата по која би следувало гласање.
Со оваа најава ирскиот борец се позиционира како противник на политичкиот естаблишмент пред претседателските избори во Ирска што мора да се одржат најдоцна до 11 ноември 2025 година.
Пактот за миграција на ЕУ има цел реформирање на политиките за азил и миграција во Унијата, а земјите членки треба да ги усвојат потребните закони во предвидениот рок.