Најстариот советник во Градското собрание Тома Фила на конститутивната седница на белградското собрание на 19 февруари изјави дека нема кворум за нејзино одржување и дека седницата ќе се одложи за 1 март, објави slobodnaevropa.mk.
Советниците на Српската напредна странка (СНС), која освои најмногу гласови на изборите, не се појавија во градското собрание, јавува репортерот на Радио Слободна Европа.
Во салата не беа ниту членовите на Социјалистичката партија на Србија (СПС), ниту на проруската десничарска листа „Ние гласот од народот“.
Претставниците на опозициската коалиција „Србија против насилството“ Добрица Веселиновиќ и Владимир Обрадовиќ оценија дека одложувањето на седницата е „голема победа на опозицијата“ и дека тоа е доказ дека СНС „нема мнозинство“ во градското собрание на Белград.
Тие уште еднаш ја обвинија СНС, која заедно со СПС досега ја сочинуваа власта во Белград, за изборна кражба и побараа одржување на нови избори „под демократски услови“.
На изборите на 17 декември ниту една листа или партија не освои доволно гласови за да формира власт во Белград.
Претседателот на привремената управа на Белград, Александар Шапиќ, претходно изјави дека доколку во наредните десет дена не се постигне „јасен став“ на „Ние гласот од народот“ за формирање на владејачка коалиција во главниот град, ќе се одржат нови локални избори.
Градското собрание има 110 советници, а Српската напредна странка и Социјалистичката партија на Србија имаат вкупно 54, односно им недостигаат двајца за да продолжат да ја вршат власта.
Листата на Бранимир Несторовиќ „Ние гласот од народот“ освои шест мандати.
Проевропската опозициска листа „Србија против насилството“ има 43 советници, а десничарската коалиција „НАДА“, составена од Нова демократска странка на Србија (НДСС) и Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) , има седум.
Крајниот рок за конституирање на белградското Собрание е 3 март.
Пред почетокот на конститутивната седница на Градското собрание на 19 февруари, советниците од опозициската листа „Србија против насилството“ истакнаа транспаренти на кои се посочуваат тврдења за изборна кражба.
Тие претходно најавија дека ќе бидат присутни на конститутивната седница на Собранието на град Белград, но дека нема да учествуваат во работата и дека ќе направат „се што е во рамките на законот“ за да се спречи конституирањето на парламентот.
Опозициските листи „Србија против насилството“ и „Надеж за Белград“ ја обвинуваат власта за изборна кражба и бараат нови избори.
Локалните избори во Белград се одржаа на 17 декември, заедно со државните и покраинските избори.